Членовите на Анкетната комисија за прислушувањето денеска ќе имаат ново продолжение на седницата и ќе се обидат да постигнат договор за деловникот за работа.
Вчерашното продолжение беше одложено, поради како што појасни претседателот Петре Шилегов, дополнителна консултација по две прашања, без да прецизира кои, додека по другите, рече тој „ разликите се испеглани“.
Неколку спорни точки беа дали Комисијата може да почне да работи без присуство на мнозинството членови, понатаму, членовите од парламентарното мнозинство стравуваат претседателот Шилегов да не ја злоупотреби положбата и нерегуларно може да повика сведоци на седницата, без претходно да ги извести членовите.
Парламентарното мнозинство исто така бараше да се дефинира колку пати еден сведок или експерт може да се појави, и најспорната точка, зошто претседателот на Комисијата да гласа два пати, за што Шилегов досега појаснуваше дека нема формално да гласа по втор пат, туку доколку за некоја одлука има еднаков број на гласови од двете страни, тој ќе гласа последен и неговиот глас ќе тежнее на одлуката.