Дури 63 дена нема трага, ниту глас од бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО. Според информациите на Специјалното јавно обвинителство, тој државата ја напуштил на 9 март, односно еден ден по одредувањето на мерката притвор, а до денес нема информација дека се вратил назад.
Неговиот адвокат, Никола Додевски, пак тврдеше дека Кочан не е во бегство, туку на службен пат. Според него бизнисменот заминал пред да биде донесено решението за притвор.
Го побаравме адвокатот Додевски да го прашаме дали неговиот клиент е се уште на службен пат, како што тврдеше пред два месеци, но не одговори на нашите телефонски повици. Не добивме ниту одговор на смс пораката дали се во контакт и дали има информација кога планира да се врати во земјава?
Во меѓувреме, МВР распиша меѓународна потерница за бизнисменот, кој СЈО го сомничи дека со фалсификувани документи добил тендер од ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.