Петиција до обвинителството за да отвори истрага за Бетмен, Дамовски и Дурловски

by fokus 11:54
11:54

Иницијативата Критична маса покрена петиција за спроведување истрага за иницијаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, на страницата Change.org.

Петицијата ќе биде испратена до Јавното обвинителство и до Народниот правобранител.

- Advertisements -

„На 27 април 2017 година, на крвавиот четврток, во Собранието на РМ беа повредени преку 100 луѓе меѓу кои пратеници и лидери на новото парламентарно мнозинство, новинари, граѓани и полицајци.

Напаѓачите беа демонстранти од протестите на движењето „За заедничка Македонија“, на кои со недели се ширеше говор на омраза и се повикуваше на насилство. Се слушаа извици од типот ‘чиста Македонија’, ‘нека разберат клетите шиптари’ и се предупредуваа пратениците дека ‘на сила може да излезат од Собранието на РМ’.

Заедничкото соопштение на ЕУ, НАТО, САД и ОБСЕ ги квалификуваше настаните како „организиран напад врз Собранието“. Според пратениците кои беа нападнати истата вечер, се случи ‘обид за убиство’ на дел од народните избраници.

И покрај сѐ ова, скоро две недели по крвавиот четврток, лицата кои се јавуваат како водачи за времетраењето на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, сѐ уште не се приведени или сослушани од јавното обвинителство за нивната улога во организираниот напад врз Собранието. Дури и продолжуваат со предводење на истите протести.

Затоа, ги повикуваме надлежните, пред сѐ Основното јавно обвинителство, да отворат истрага против горенаведените лица, со цел да се утврди нивната улога во упадот во Собранието и во насилствата од таа вечер“, се вели во петицијата на Критична маса.

 

Поврзани новости