Се зголемува бројот на заразени со алфа-гал синдромот, може да е фатален во комбинација со еден вид храна

by Fokus

Новите податоци објавени вчера од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажуваат нагло зголемување на случаите на алфа-гал синдром (AGS). Овој синдром е сериозна, опасна по живот алергиска состојба.

Алергија предизвикува реакција која може да биде фатална во комбинација со неколку видови месо или производи од животинско потекло.

Американските научници пронајдоа алфа-гал во плунката на таканаречениот крлеж на осамена ѕвезда (лат. Amblyomma americanum). Крлежот се идентификува со бела дамка на грбот и најчесто се наоѓа во јужните и источните делови на САД. Но, експертите предупредуваат дека поради климатските промени нивната дистрибуција се шири, јавува Би-Би-Си.

Каснувањата од Amblyomma americanum може да го разболат лицето ако консумира одредено месо и животински производи добиени од цицачи.

Списокот на опасни намирници за луѓето кои страдаат од синдромот алфа-гал вклучува свинско, говедско, зајачко, јагнешко, дивеч, желатин, млеко, некои млечни производи и некои лекови.

Симптомите вклучуваат стомачни грчеви, дијареа, осип и отежнато дишење.

Повеќе од 110.000 случаи се откриени од 2010 година, според ЦДЦ. Од 2017 до 2021 година, бројот на случаи се зголемувал за околу 15.000 годишно. Поради тоа колку е тешко да се дијагностицира, ЦДЦ вели дека вкупно до 450.000 Американци можеби развиле алергии на месо поради алфа-гал.

Синдромот беше откриен во 2008 година случајно, откако американските научници открија неочекувани резултати додека тестираа лек кој се користи за лекување на рак.

Поврзани новости