Се започна со поглед над маските, сега чекаме бебе – се роди љубов помеѓу лекари од Врање во ковид болница

by fokus

Работев во Итна помош во Здравствениот центар во Врање, а кога започна ковид кризата бев прераспоредена на Инфективно одделение. Лани во март, кога состојбата се повеќе се влошуваше, поголем број на лекари беа примени, а Марко кој во тоа време беше професор во Медицинското училиште, дојде да работи во ковид болницата. Се сретнавме и иако само очите можевме да си ги видиме над маските, се појавија искрите – ја раскажува лекарката Христина Спасиќ својата интересна приказна и животната пресвртница која и ја донела пандемијата.

За српски Блиц таа вели дека во време кога корона вирусот низ целиот свет оставил лоши траги, таа и д-р Марко Иванчов го доживеале најубавото чувство – љубовта.

Пред пандемијата веќе наголемо се подготвувала да замине во Германија, го изучила германскиот јазик и себе се гледала како лекар во некоја од тамошните болници. Но, кога од Итната служба била пренасочена на Инфективно одделение, да се грижи за позитивните пациенти, таа добила решение за траен работен однос. Средбата со д-р Марко била последниот дел од лавиринтот, и животот на двајцата лекари се променил преку ноќ.

-Љубовта не избира ниту место, ниту време. Не можевме да претпоставиме дека ќе бидеме префрлени на Инфективно одделение, и тоа помеѓу првите лекари, и најмалку се надевавме на љубов. Иако првите средби ни беа со маски и комплетна заштитна опрема, Марко веднаш ме забележа. По завршувањето на смената, надвор паѓаше силен дожд, тој ми понуди да ме однесе дома со автомобилот. Се испостави дека живееме во ист крај на градот, но никогаш порано не сме се сретнале. Судбината ги вмеша прстите, оваа година во март се веривме, а на пат е и бебето – вели докторката.

Додава дека пандемијата ја спречила да замине од родниот крај, во потрага по подобар живот во Германија и верува дека се случува со причина.

-Вирусот не научи на многу нешта, дека најважно во животот е здравјето, почитувањето, добрите пријатели. Нам неочекувано ни се случи и љубов, добив решение за работа, наскоро доаѓа бебето, пресреќни сме – раскажа д-р Спасиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости