Се уште се истражува случајот ,,МПМ”, низ годините смени неколку обвинителства

by fokus

Поминаа седум години од згаснувањето на весниците ,,Вест” и ,,Утрински весник”, а истрагата за ,,МПМ”, се уште не е завршена. Помина речиси и две години откако овој предмет од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција премина во скопското обвинителство, но се уште нема информација дали ќе заврши со поднесување на обвинение или со запирање.

-Во предметот за кој покажувате интерес се уште се во тек истражни дејствија, ни одговорија од скопското обвинителство на прашањето што се случи со предметот ,,МПМ”.

Инаку, постапка за овој случај најпрвин имаше отворено скопското обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО.

Тогаш истражители на СЈО влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Камчев. Медиа Принт Македонија пак е во стечајна постапка, а доверителите останаа со ненаплатени долгови.

Предистрагата и истрагата ја водеше обвинителката Лиле Стефанова, како дел од ,,Империја”, а осомничени беа Срѓан Керим, поранешната директорка на МПМ, Јасна Станисављева и бизнисменот Орце Камчев. Неофицијално, тие се гонат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите.

По затварање на СЈО, случајот остана во рацете на обвинителката Стефанова, но под надлежност на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

По одвојувањето од предметот ,,Империја”, кој заврши со спогодба, кон крајот на 2022 случајот, поради надлежноста, премина кај друг обвинител во скопското обвинителство, но засега е без завршница.

В.В.

Поврзани новости