Се трошат милиони евра за „Денот на дрвото“ а дрво не се гледа

by Fokus

Текстот е објавен на први ноември 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 943

„Дрвото е симбол на животот. Садењето на ново дрво значи раѓање на нов живот. Уништувањето на едно дрво значи и уништување на еден живот. На тој начин, тоа претставува симбол на бесмртноста и на победата на животот над смртта, преку ново раѓање“!

Овие неколку реченици се извадок од колумната „Дрвото на нашето единство“ на првиот финансиер, Зоран Ставрески, напишана  во 2008 година и поставена на страната на Министерството што го предводи. Дали овие реченици и по пет години го имаат истото значење за еден од најблиските луѓе на премиерот Никола Груевски?

Дали и сега уништувањето на дрвото значи уништување на еден живот, откако пред неколку месеци, по налог на истата влада, со кордон од специјалци беа исечени сите дрвја кај хотелот „Бристол“ за да се изгради административна зграда за Советот за радиодифузија?

Но, не е само тоа. Додека, од една страна, се снимаат реклами, се прават беџеви за промоција на проектот и се молат граѓаните масовно да учествуваат во акцијата, од друга страна безмилосно се исече парк-шумата на Водно, која, исто така, е засадена од луѓето пред 40 години.

Околу акцијата „Ден на дрвото“ се нижат многу прашања на кои нема одговори. Владата досега не почувствува потреба да даде отчет колку пари потроши за оваа акција, колку ги платиле садниците, колку пари се потрошени за интензивната медиумска кампања и колкави биле трошоците за транспортот на садниот материјал и на граѓаните до местата за пошумување?

Сепак, факт е дека тоа се народни пари, а граѓаните мора да знаат како се трошат нивните пари! Во целата приказна само една работа е расчистена. Дека садниците се производство на „Македонски шуми“, а владата одделува пари од Буџетот за оваа намена.

Во овие шест години, колку што трае акцијата, досега се засадени над 50 милиони садници, барем така велат од јавното претпријатие. Според грубите пресметки, ако една садница чини од 12 до 18 денари, досега за оваа акција се потрошени некаде околу 12 милиони евра.

ОД ДРВО НИ „Д“ НА ПОШУМЕНИТЕ ЛОКАЦИИ

Владините министри секоја година се растрчани на различни локации низ земјава за да засадат дрвце на иднината, да придонесат за „успех“ на проектот „Ден на дрвото“, а патем и да се сликаат. Барем двапати во годината се повторува истиот ритуал. По првата акција, кога беа засадени околу два милиона садници според бројот на жители, во последните неколку акции таа бројка се искачи до седум-осум милиони садници.

„Фокус“ се потруди да го провери теренот и дел од локациите каде што досега беа засадени околу 50 милиони дрвца. Дали претпоставувате колку од досега засадените садници се успешни? Според наши информации, повеќето од дрвцата воопшто не се фатиле, дел од ридовите и планините и понатаму се празни, а дека во тој предел имало акција за пошумување сведочат само трагите од браздите со кои бил подготвуван теренот, ископаните дупки, исушените фиданки, голата земја и прашината.

Тие денес требаше да бидат високи и до еден метар, но голем дел од нив се или уништени, или исушени. На терените преживеа само мал процент од садниците, иако само во последните неколку години беа посадени милиони млади фиданки во Матка, Мршевци, Водно, Три Круши, Петровец и Ајватовски Рид.

Ништо не е поразлична ситуацијата и во другите градови низ земјава. Во околината на Струмица, во месностите Чам Чифлик, Цареви Кули, Турија и Хамзали, резултатот од пошумувањето е речиси никаков.

– Најодговорно тврдам дека на сите овие локации каде што беа засадени дрвца нема никакви резултати. И по неколку години нема ни Д од дрво. Не знам зошто се спроведуваат ваквите акции ако не се знае крајната цел. Што е поентата само на фалењето и сликањето кога зад себе немаме успешна акција, немаме зелена и пошумена Македонија – објаснуваат нашите извори од Струмица.

Освен во градот на Царевите Кули, со неуспешна акција на пошумување се соочуваат и во Гевгелија, Делчево, Виница, Кочани, Штип и Битола. Во Македонски Брод и Матка садниците ги изеде добитокот. На локации во Струмица повеќе нема да се пошумува поради отпор од месното население. Многу садници беа искорнати и украдени.

Пред една година, „Фокус“ присуствуваше на една од акциите за пошумување на Ајватовски Рид во околината на главниот град, каде што повторно цело Скопје садеше дрвца. Стотици граѓани, основци и средношколци проврвеа тој ден, секој со различна намера.

Некои ги засадија младите фиданки, другите само ги оставија во дупките што претходно ги ископале работниците од „Македонски шуми“, а трети или ги зедоа со себе, или само ги спуштија на земја. Се сликаа и се стрчаа надолу по стрмниот терен до местото каде што ги чекаа автобусите. И потоа − штама.

Редовно, за сликање на ваквите акции, се појавува војска од министри, пратеници, амбасадори, кои ќе направат фотосесија со дрвце в рака и го напуштаат местото. Самоиницијативното учество на граѓаните е сѐ помало од првата акција наваму. И покрај тоа што денот се прогласува за неработен, повеќето приватни фирми не затвораат, а кафеаните работат со полна пареа бидејќи се преполни со слободни административци.

Според статистичките податоци, во 2008 година беа засадени 2.560 хектари, во 2009 година нови 3.915 хектари, во 2010 година 2.017 хектари, а во 2011 година на пролетната акција беа засадени 744 хектари. Дополнително, преку редовната програма за проширена репродукција на шумите, во периодот од крајот на 2006 до 2010 година беа засадени вкупно 3.000 хектари.ВО ФИОКА СЕ ЧУВА ЕЛАБОРАТ ЗА НЕУСПЕШНАТА АКЦИЈА

Дека акцијата за пошумување е неуспешна на повеќето локации околу метрополата и другите градови низ земјава, тврдат и професори од Шумарскиот факултет. Сепак, тие решија да останат анонимни откако пред неколку години беа цел на јавен линч зашто на дебата ги искажаа своите ставови  – дека пошумувањето се врши нестручно.

Тензиите се зголемија откако професорите открија дека на локациите каде што се пошумуваше беа засадени дрвца наопаку, со коренот нагоре или, пак, некои од дрвцата беа засадени „колку само да помине редот“. Ова беше доволен доказ за неподготвеноста на организаторите кои не обезбедија стручна помош и совети за граѓаните вклучени во една акција во која се мобилизира цела Македонија.

– Акцијата е неуспешна поради повеќе причини. Прво не е можно засадување седум милиони дрвца во еден ден. Тоа е невозможно. Неправилни садници, пошумени на лош терен, со несоодветен алат и без никакво искуство на работната сила. Секогаш треба да се имаат предвид временските услови. Никогаш не се сади кога врне. Калта се лепи на корењата и на алатот и не може да се сади – објаснува професор од Шумарскиот факултет.

Експертите од шумарската и земјоделската бранша велат дека дупките или рововите се плитки, садниците чудно мали, а и на граѓаните не смее да им се забележи што не ги засадуваат како професионалци, што, впрочем, и не се.

– Садниците не се квалитетни. Едногодишните садници со неразвиен коренов систем им создаваат дополнителни маки на граѓаните при пошумувањето. Повеќето од садниците треба да бидат двегодишни или тригодишни, за да успее садењето. Факт е дека ако веќе сакаат од оваа акција барем нешто да успее, тогаш пошумувањето треба да се врши еден месец, а граѓаните да се обучуваат како да садат дрвца. Сите сметаат дека садењето е лесно и едноставно, но не е така – тврди професор од Факултетот.

Во јавноста веќе подолг период се шпекулира дека постои елаборат, направен по налог на Министерството за земјоделство, во кој се зборува за слабостите на акцијата. Но, тој документ сѐ уште фаќа прашина во фиока и никогаш досега не е објавен!

За разлика од стручњаците, во ЈП „Македонски шуми“ имаат спротивен став. Од таму тврдат дека акцијата е успешна и дека над 60 отсто од дрвцата се фатиле.

– Ние ги обезбедуваме садниците, тие се наше производство. За овие години, колку што трае целата акција, засадени се над 50 милиони дрвца. Една садница чини над 10 денари, во зависност дали е едногодишна, двегодишна или тригодишна – истакна Игор Лазаревски, в.д. директор на Одделот за расадник.

На прашањето: „Кој ги плаќа садниците?“, Лазаревски само кратко одговори:

Тие се наше производство. По некои ставки, владата ни ги признава трошоците, по некои ставки не ги признава. Со нив имаме договор за само 40 хектари пошумување. Во наредната акција ќе се засадува и покрај езерата, со што ќе бидат опфатени нови површини на кои досега не се вршело пошумување – тврди Лазаревски.

Ниту „Македонски шуми“, ниту владата не одговараат директно на прашањето − кој ги плаќа садниците? Факт е дека парите идат од овие две институции, но колку и како – нема одговор. Портпаролот Александар Ѓорѓиев пред неколку дена ги игнорираше повиците на „Фокус“, а не добивме одговор и на смс-пораката што му ја испративме!ГАЈДОВ: ТРАЈАНОВ СЕ НАЛУТИ ЗАШТО ГРУЕВСКИ НЕ МУ СЕ ЈАВИЛ

Идејата за пошумена и зелена Македонија би била идеална, доколку целиот проект веќе неколку години не го следат низа контроверзии и кавги меѓу организаторите. Сѐ почна во далечната 2007 година, кога амбасадорот на мирот на УНЕСКО, оперскиот пејач Борис Трајанов, поттикна проект за масовно засадување на голите и опустошени планини. Незаборавна е изјавата на уметникот дека „не сме само ние жители на планетата, и шумите се жители како и ние“.

Последните години работите тргнаа во друг правец. Паднаа првите кавги меѓу иницијаторите на овој проект, во кој учествуваат познати македонски „фаци“.

Неколкумина од нив бараа закажување годишно собрание, на кое, според законска обврска, треба еднаш годишно да се даде отчет за потрошените пари и извештај за успешноста на акцијата.

Факт е дека внатре постои организациска криза бидејќи повеќе го нема ентузијазмот со кој неколкумина луѓе ја почнаа оваа акција. Дел од нив веќе и се откажаа.

Пред една година, актуелна беше кавгата меѓу организаторот Борис Трајанов и Љубомир Гајдов, кој е дел од Иницијативниот одбор за „Ден на дрвото“. Тој за „Фокус“ раскажува кои се причините за кавгите и проблемите внатре во Одборот!

– Трајанов го убеди премиерот Груевски и министрите за надворешни работи и шумарство да им напишат писма на своите балкански колеги за балканската акција. Но, поради тоа што премиерот наводно трипати не му одговорил на телефонскиот повик, суетниот Трајанов предлагаше да се распушти НВО „Денот на дрвото“. Потоа, не сакаше неколку години да направи отчет на годишна конференција, како што го обврзуваше Статутот, а беше и потписник на сметката во банка – тврди Гајдов.

Според него, овластени државни органи треба да проверат дали има матни зделки во акцијата за пошумување. Но, тој тврди дека тоа се гледа по новото раководство.

– На тајната, задоцнета, нелегална и нелегитимна конференција, за која не беше ни информирана легалната и легитимна управа, Трајанов за свој наследник го наметнал својот студент од штипскиот универзитет, Бобан Симоновски, а за секретар својот долгогодишен приватен секретар Виктор Павлов – истакна Гајдов.

Тој додава дека владата ги купувала дрвцата и ги дистрибуирала преку „Македонски шуми“, а локалната самоуправа преку ЗЕЛС ја организирала целата акција.

Во Иницијативниот одбор за „Ден на дрвото“ повеќе не е и Љупчо Бубо Каров, познат во јавноста како Цацко од К-15. Тој кратко и јасно објаснува дека дрвцата се плаќаат со пари на граѓаните.

– Ако не се лажам, владата и „Македонски шуми“ се на државата Република Македонија, а таа, пак, се финансира со пари од народот. Значи, за оваа равенка нема непознати, што значи дека дрвцата ги плаќаат граѓаните на Македонија – вели Каров.

Тој ги објаснува причините зошто ја напуштил акцијата за пошумување.

– Прво, владата, кога почувствува дека има огромен одѕив, се налепи, а после и си ја присвои целата манифестација „Ден на дрвото“, па почна да ја користи за сопствена промоција до степен на игнорирање на Иницијативниот одбор, па дури и злоупотреба на добрата волја на промоторите. Второ, нашата задача да го анимираме граѓанството беше успешно завршена и сметав дека повеќе нема потреба од мое присуство таму – истакна Каров.

Како трета причина зошто си заминал, наведува дека поединци во Иницијативниот одбор почнале да манифестираат „лошо и непримерно поведение“, а тој не сакал да биде медијатор и да ги смирува страстите.

Заедничко за Каров и Гајдов е тоа што и двајцата сметаат дека акцијата за пошумување е успешно реализирана.

Оперскиот пејач Борис Трајанов, по неколку телефонски барања, не одговори на повиците на „Фокус“ . Тој пред една година се збогува со медиумите и истакна дека никогаш повеќе нема да даде изјава.

Како што е редот, како што почнавме, така и ќе го завршиме текстот, со извадок од колумната на Зоран Ставревски:

„Чинот на садење дрво во себе содржи повеќезначна и мултидимензионална симболика. Со гранки што го допираат небото и со корења кои се длабоко во земјата, дрвото, митолошки гледано, ја обединува земјата со подземниот свет и со небото. Исконски, за човекот тоа е симбол на обединување и на хармонија на овие три света. Затоа, можеби најсилната симболика на дрвото е симболиката на единство“.

Конечно, откако камерите си заминуваат и денот завршува, се појавува кордон од специјалци и ги снемува „дрвјата на единството“; оние, де, кај хотелот „Бристол“! Или, има и дрвја на неединството!?

КАРОВ: ЕДЕН ЧОВЕК ГИ ДАВА СИТЕ ОДГОВОРИ ЗА ПАРИТЕ

Љупчо Бубо Каров тврди дека фотографиите од акцијата за пошумување служат за фалење и промоција на владата. Тие редовно се појавувале во предизборните кампањи, а самата акција „Ден на дрвото“ е вброена меѓу поуспешните проекти на владата во отчетните материјали.

– Никој од „Ден на дрвото“ нема никакви допирни точки со набавки, пари, цени или каква било техничка или финансиска работа. Не ја исклучувам можноста да имало злоупотреби во одредени структури во делот на логистиката на манифестацијата. Но, убеден сум дека никој од Иницијативниот одбор не учествувал во такво нешто. Па, ние немавме ниту жиро-сметка, но моравме да отвориме за да примиме една странска донација – тврди Каров.

Според него, за отчет за парите треба да се обратиме на друг шалтер бидејќи таму сигурно ќе добиеме одговор.

– Брзо оди тоа бидејќи сега е едношалтерски систем. Јас сум убеден дека само еден човек ги дава сите одговори, но сега е малку зафатен – шеговито нѐ посоветува Каров.

Поврзани новости