СЕ ТРЕСЕШЕ ГОРАТА, СЕ РОДИ ГЛУШЕЦ

by Фокус

Пишува: Арбен ГОЉА

Ете, и тој долго очекуван момент дојде, режимот падна по цели скоро единаесет години. Народов полн со позитивна енергија и оправдани очекувања за подобар живот и средена држава, барем да заличи дека е во срцето на Европа.

Тогашната опозиција, односно сегашната власт, беше со полна уста ветувања за правна држава, подобар живот за граѓаните. Нема повеќе само партиски кадровски решенија туку само квалитетни кадри, докажани во својата област… И уште куп убави ветувања кои ни ги милуваа ушите.

Сега, веке половина година откако се на власт СДСМ и коалицијата, резигнирано може да се заклучи дека ама ништо не е исполнето од големите ветувања. Судскиот систем е во иста катастрофална состојба во каква што беше за времето на претходната власт. Од бомбастичните најави за комплетната реформа на судството и реизбор на судиите нема ни “Р”.

Владата ни е повторно “Kindergarden”, ништо поразлично и поквалитетно од претходниците. C.V.-ta на новите министри-младинци, (чест на мали исклучоци), се штури и сиромашни, со завршен факултет, работно искуство-партиски активиста на СДСМ или what ever … и прво работно место, министер, пардон, со исклучок на оние на кои им е второ работно место, а претходно биле заменици министри во техничката влада. Се сами “перјаници” на партијата на власт, ниту еден докажан профил со богато и долго C.V., а докажани експерти кои немаат партиски предзнак на припадност, ниту за лек, освен ако ги изземеме само двајца, господата, Кочо Анѓушев и Никола Димитров.

За жал, лично јас сум скептик дека со вакви неискусни кадровски решенија оваа влада може да се справи со сериозната ерозија на државата, како во институционална така и во економска смисла, наследена од претходната власт.

Повторно продолжува воспоставената  пракса на вработувања по партиска линија, со таа разлика што сега во институциите владеат два паралелни света, едните се кадри на новата власт, другите кадри на претходната власт кои буквално вегетираат и ништо не работат (бидејќи новиве не им дозволуваат), а примаат плата!

Замислете, дури и шоферите кои биле примени од претходната власт примаат плата, но не возат, па се прашувам каква врска има партиската припадност за да управуваш со возилата, на пример на министерството за култура. Жалосно и трагикомично, а и дополнително оптеретување на државниот буџет.

Од најавите на големи звона дека нам познатите лица ќе одговарат за сторените криминали пред лицето на правдата засега ништо, истите слободно се шетаат пред нашите очи, а во меѓувреме нашиот нов премиер води мали ноќни разговори токму со нив. Ова буди објективни сомневања дека овие ноќни разговори можеби водат кон некои неетички спогодби кои нема да претставуваат ништо друго, туку извртување на правдата.

Од оваа дистанца се прашувам себеси, зошто како интелектуалец се борев против претходниот режим, со учество на протестите, со активно пишување колумни, давање интервјуа, па ако сакате и со гласањето за СДСМ, иако никогаш не сум бил ниту нивни симпатизер!? За да го добијам истото, само во помека варијанта!? 

Се чувствувам излажан и изманипулиран, а сигурен сум дека истото чувство го делат и стотина илјади мои сограѓани.

И на крајот, кога ќе сублимираме се заедно, доаѓаме до оние народните: “Се тресеше гората, се роди глушец“, а потоа и “симни се од коњот Курто, качи се на коњот Мурто” … Жалосно но вистинито!

Поврзани новости