Голема дискусија во јавноста поттикна најавеното отворање на македонскиот клуб во Благоевград под името „Никола Вапцаров“.
Сега во прашање се доведува кој стои зад отворањето на Клубот и која е целта на истиот, прашање кое го отвори и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден – Пирин денеска му одговори дека никој не крие кој стои зад Клубот и објави дека главен иницијатор е Друштвото за заштита на основни човекови права во Благоевград, а финансиери на Клубот се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас.
Како посредник го посочуваат Македонско меѓународно движење за човекови права, за чии ставови Османи обвини дека биле спортивни на македонските стратешки интереси. Оваа организација актуелната македонска влада ја нарекува режим.
-Како што се очекуваше, режимот одби да го исполни нивниот „завет“ за отворање на Македонски културен центар во Бугарија и избра да продолжи да им помага на Бугарија и Грција да ги потиснат идентитетот и човековите права на Македонците низ Балканот, стои во една од последните објави на нивната веб-страница.
Според Македонското меѓународно движење за човекови права, Културниот центар во Благоевград ќе го управува Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, организација која се залага за правата на угнетуваното македонско малцинство во Бугарија. Здружението ќе продолжи да добива финансиски средства од Македонското меѓународно движење за човекови права.
Претседателот на Комитетот на организацијата ОМО Илинден од Благоевград (ова е организација која е различна од партијата ОМО Илинден – Пирин), Атанас Кирјаков се спротивставува на ваквиот начин на отворањето на македонски клуб во Бугарија.
Тој смета дека за Клубот требало да се купи простор на видливо место во Благоеград, а не да се изнајмува просторија од која во секое време може да бидат исфрлени.
За ова прашање имале и состаноци со партијата ОМО Илинден-Пирин, но Кирјаков објаснува дека партијата без нивно знаење сепак решила да се оди со изнајмување простор.
Сега Кирјаков во изјава за „Фокус“ вели дека овој Клуб ќе биде гнездо на бугарските безбедносни служби, бидејќи куќата во која се отвора Клубот е во сопственост на началник на полицијата во Благоевград.
-Тоа е провокациja. И не треба да доаѓаат во Благоевград Мицкоски и Апасиев. Всушност, ако доjдат тие во Благоевград кого ќе поддржат ??? Бугарските служби за безбедност и нивните марионети ??
Ние , етничките Македонци од ОМО „Илинден“ НЕМА да одиме во овоj чурук „македонски клуб“, дециден е Кирјаков.
Отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе се случи во недела, а свое присуство најавија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и претставници на Левица.
Катерина Смилева Божиновска