Арбен Гоља
“Па јели ово могуќе”, историска реченица на Младен Делиќ, една од најголемите легенди на спортското новинарство во времето на СФРЈ, која прво ми текна слушајќи го образложението за потпишувањето на указот на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, за аболицијата на сите политичари против кои се води кривична постапка или истрага.
И стварно, дали е ова можно на ваков начин да се амнестираат луѓе што ја покрадоа и ја девастираа земјава, и тоа од страна на еден претседател на држава, па макар каков таков, како нашиов јадник, без став и лице.
Давајќи пред медиумите образложение за мотивот на ваквата негова постапка, чија содржина несомнено некој друг му ја составил, безобразно ни продава романтика дека сиромашкиот бил загрижен за опстанокот на земјава, па решил во име на тоа добро да стави крај на оваа политичка криза и конечно да тргнеме напред.
Браво бе ХОРХЕ, од кој дел на малиот мозок ја извади оваа “генијална, да не речам државничка смела одлука”. Можам само да констатирам дека дефинитивно ќе влезеш во историјата на оваа земја, но како еден од најсервилните и најнеспособните претседатели што ги имала Македонија од осамостојување па до денес. Ќе останеш запаметен и не само по тоа, туку и како претседател кој што си ја продаде евтино земјата, а и народот со се нејзе, за личен интерес, и на тој начин ја бутна до самото дно.
Многу небулози и глупости се наслушавме од оние малку твои јавни настапи, особено во твојот прв мандат, за среќа многу помалку во овој вториов.. Но се излажавме, таман помисливме дека си сфатил дека си најпаметен кога ќутиш, ти пушти зелена што така јасно го опишува твојот карактер, етика и морал.
Се срамам што живеам во земја која има ваков човек за претседател, кој не заслужува дури само да е именуван со овој збор.
Не е одраз на моето невоспитание што во текстов ти се обраќам на “ти”, туку на овој начин ја искажувам мојата непочит кон тебе “мал јаден човеку”, бидејќи на “Вие” се обраќам на големите луѓе на кој на тој начин им ја искажувам мојата почит,
Еден претседател е претседател на целиот свој народ, без разлика од која политичка провиниенција произлегува, и му служи исклучиво на својот народ. Ти мал човеку не си претседател на народот на оваа наша Македонија, ти си само послушен слуга на оваа режимска врхушка која те третира како кукла на жици.
Се надевам искрено за оние генерации на студенти на кои им беше професор на правниот факултет дека ама баш ништо не прифатиле од твојот карактер, инаку црна ќе ни биде иднината.
Ако воопшто и малку останало достоинство во тебе, дај си неотповиклива оставка и биди бар маж на крајот.