На заедничка сметка се собираат финансиски средства за обнова на братската куќа во Неготино, која викендов ја запали пироман. Во еден дел од куќата живееше сопругата на неговиот починат брат, а во другиот дел, неговиот син. Луѓето сега се оставени без кров над глава.
Виолета Донева (60), која остана без дом, привремено е сместена кај нејзината ќерка, а пак синот на пироманот бил сметен кај негов другар.
Ќерката на Виолета, Благица Делкова за ,,Фокус” вели дека со нејзиниот братучед се наоѓаат во иста, немила ситуација, а средствата кои се собираат за обнова на куќата ќе бидат заеднички искористени, за да имаат кров над глава и нејзината мајка, како и братучед и.
-Станува збор за истиот кров, кој е целосно изгорен. И внатрешноста е уништена. Значи, заедно сме во ова, и братучед ми и мајка ми. Ја објавивме нејзината сметка од банка, но сакаме да потенцираме дека средствата кои ќе бидат донирани ќе се употребат за да се обнови целата куќа, и делот на мајка ми, како и делот на братучед ми.
Тие и двајцата се жртви на пироманот, кој сега е сместен во ЈЗУ Негорци. Се надеваме дека институциите ќе ја увидат сериозноста на ситуацијата и нема по некоја година повторно да го пуштат.
Во случајов, беше избегната трагедија, а многу малку фалеше да има човечки жртви. Апелираме на разум и сфаќање на опасноста!
Истовремено се заблагодаруваме на сите хумани луѓе кои покажаа солидарност и донираат – ни изјави Делкова.
Градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” вели дека и општината ќе помогне, според законските рамки предвидени за вакви случаи.
Во тек на утрешниот ден ќе се одржи вонредна седница на Советот, на која треба да се додели помош на овие семејства.
Како што предвидува законот, оштетените би требало да добијат по околу 60.000 денари одделно.
-Настанот ги вознемири сите граѓани, и со право. Апелирам Неготино да ја покаже својата човечност и солидарност, сите кои се во можност да помогнат со свои донации.
Апелот посебно се однесува на општествено-одговорните компании во градот. Да им помогнеме на овие луѓе заеднички да го обноват својот дом и да продолжат со своите животи по оваа преживеана траума- порача градоначалникот.
Според првичните проценки, Делкова вели дека ќе бидат потребни околу 15.000 евра за обновата на изгорената куќа.
Сите граѓани кои се во можност, можат да донираат на следната сметка 200 002743890014 Стопанска банка АД Скопје, Виолета Донева, со назнака – Донација.
Вики Клинчарова