Весна Ѓорѓиевска и Симеон Атанасов, менаџерското дуо од ,,ВС музичка продукција’’ чиј ексклузивец беше легендарната Есма Реџепова – Теодосиевска, ја прекинаа долгогодишната соработка. Симеон беше едно од децата кои кралициата на Ромската музика го одгледала како свое, а пак Весна ја започнала својата соработка со неа уште во далечната 1993 година.
Тие двајцата ја предводеа концертната агенција ,,VS Music Production’’, и во изминатиот период беа актуелни со ,,Esma’s Bend Next Generation’’, бенд кој што постои со години наназад и е наследник на ансамблот Теодосиевски.
Вокалистка на бендот е Елеонора, единствениот женски вокал во светот чиј професор беше покојната Есма Реџепова, а по смртта на Есма имаа настапи на неколку познати светски музички фестивали, како Khamoro во Прага, Balkan Trafik во Брисел, Welcome in Tziganie во Франција.
Насекаде биле топло дочекани, имале одличен прием од публиката, која во нив го гледала продолжувањето на музичкото дело на Есма. Токму поради големиот број на ангажмани, веста за нивната професионална разделба дојде како изненадување.
Имено, со писмено известување вчера Симеон ги информираше своите соработници дека Весна не е повеќе менаџер на ,,Esma’s Bend’’ и сите кои што сакаат да договорат гостување на бендот, да го контактираат лично него, како менаџер на бендот. На нашето прашање која е причината за прекинатата долгогодишна соработка, Симеон вели дека тоа се финансиите.
-Во бендот треба да се вложува. Весна не е заинтересирана за тоа, па затоа јас ги превзедов сите обврски. По сите години на соработка, нормално, со убаво се разделивме – изјави Атанасов.
И Ѓорѓиевска на својот официјален Фејсбук профил уште пред неколку дена информираше дека започнува да работи како независен музички менаџер.
-Да, сега дејствувам сама и не сум повеќе дел од менаџерскиот тим на ,,Esma’s Bend’’. Продолжувам како независен менаџер по музика, и во моментов сум во преговори за застапување на неколку имиња од македонската музичка сцена, но исто така во сериозни преговори сум и со неколку имиња од Југоисточна Европа. Што се однесува до престанокот на соработката со Симеон, ние се разидовме во ставовите, но на приватен план сме како што сме биле секогаш, на една многу добра релација. Тоа што професионално не најдовме заеднички јазик, не значи ништо. Нашите односи се супер, а тоа значи дека ако сега се разидовме, можеби за некој друг проект повторно ќе ги усогласиме ставовите. И двајцата остануваме во оваа бранша, и никогаш не се знае каде може пак да ни се вкрстат патиштата – ни изјави Весна.
Тие, за време на дваесет и пет годишната соработка со Есма, организирале на 1.500 концерти низ целиот свет.
Вики Клинчарова