Се огласи ректорот Стојковски: да дебатираме со министерот, не мора на телевизија

by Фокус 15:10
15:10

 

Ректорот Велимир Стојковски експресно одговори на писмото на Професорскиот пленум. Тој им тврди дека е на страна на факултетите и професорите, но за јавна дебата вели дека е доволна средбата со министерот и професорите закажана за утре. Затоа немало потреба од телевизиска дебата.

- Advertising -

Во продолжение писмото на ректорот, кое по неговор барање, го објавуваме во целост.

„Писмото кое го добив од вас насловено како „отворено писмо“, не е вообичаен начин на комуникација на членови на една иста академска заедница, особено ако знаете дека вратите на Ректоратот секогаш се отворени, но, сеедно. Го ценам вашето обраќање и го прочитав со големо внимание. Во оваа прилика, а во врска со вашето писмо, сакам да ви посочам некои факти и да ве потсетам на се она што Ректорската управа, Сенатот и јас лично направивме во изминатиот период во врска со предложените измени во Законот за високото образование. Првите информации за воведување на „екстерен испит“ (терминот беше користен од министерот Абдилаќим Адеми), односно државен испит ги добивме од изјавите на министерот во медиумите.

По објавените информации, на министерот му испратив писмо (бр. 19-1209 од 30.10.2014) со барање да предложи термин за одржување на седница на која тој би бил присутен и би ни образложил за какви идеи и реформи станува збор, бидејќи медиумите не се начин за комуникација, кога се работи за толку сериозни прашања. За жал, министерот на тоа наше барање одговори дури денес 3.01.2014 година. Убеден сум, дека ако навремено се поразговараше за овие прашања, работите ќе се одвиваа поинаку.Сигурно ќе разберете, дека Универзитетот не може да дебатира по изјави вомедиуми, без пишан материјал за кој ќе се отвори дебата. Во меѓувреме одминистерот добивме два дописа (материјали). Првиот, на 5.12.2014 год., сокој ја објаснува идејата за државен испит и кој е веднаш пратен доединиците на универзитетот (и до другите универзитети во Република Македонија) за изјаснување и на кој одговорот од сите е идентичен, дека државниот испит не е мерка кој ќе го подобри квалитетот на високото образование.

Во текот на изјаснувањето по првото писмо Министерството за образование и наука на интернет страницата на ЕНЕР ги постави измените на Законот за високото образование, но, овој пат заедно со Предлог-закон за високобразовните установи за образување на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование. Затоа, на министерот му се обративме повторно, со второ писмо од 17.12.2014 година и го побаравме официјалиот текст на предложените измени за да може да спроведеме јавна дебата. Материјалот го добивме на 18.12.2014 година со рок на изјаснување до 20.12.2014 година (сабота), односно само еден ден. Со оглед на тоа дека тоа не беше возможно, материјалот веднаш беше доставен до единиците на Универзитетот, а истовремено беше побарано од министерот да го почитува рокот од минимум 15 дена изјаснување, односно изјаснувањето да биде до 29.12.2014 год. Но, во меѓувреме се започна со постапката за носење на измените на законот, како и споменатиот закон.

Трнувајќи од сето тоа, Ректорската управа едногласно на седницата од 22.12.2014 година упати писмо до министерот за образование со барање да се одложи постапката на носење на овие измени и да се овозможи сериозна дебата. Иствремено Ректорската управа донесе одлука да се одржи конференција на која би биле поканети и надлежните институци, да се отворат сите прашања за квалитетот во високото образование. Истата одлука беше едногласно потврдена и од Универзитетскиот сенат на седницата од 29.12.2014 година (во кој има и колеги кои се активни во Професорскиот пленум).

Сето тоа значи, дека ниту Ректорската управа, ниту Сенатотот, а ниту јас како ректор сум застапувал или сум можел да застапувам поинакви ставови од тие на факултетите и институтите и органите на универзитетот, што впрочем е потврдено и со нашите потписи на писмото упатено до министерот. Убеден сум дека ви е познато, но сепак да потсетам, Ректорската управа ја сочинуваат 34 декани, директори на научните институти и претседателот на Студентскиот парламент, проректорите и ректорот, а Универзитетскиот сенат 68 сенатори од сите единици на Универзитетот, кои имаат потполно демократско и легитимно право да ја претставуваат единицата од која што се делегирани, да ги застапуваат ставовите на факултетите и институтите, но и да искажуваат  лични ставови по одредени прашања. Оттука, сите одлуки кои едногласно се донесени од Ректорската управа и Сенатот, се истовремено и став на Наставно-научните совети на факултетите и на Универзитетот.

Почитувани колеги, целта ни е заедничка – квалитетно високо образование поевропски и светски стандарди, каде што студентот е централен субјект, затоа што универзитетите постојат заради студентите, а не обратно. Но, методите и начините на делување се различни. Во таа насока, ве уверувам дека органите на Универзитетот прават се што можат да направат во законските рамки, да се слушнат нашите аргументи во врска со  споменатите предлози. Затоа, во ситуација кога сите бараме дебата и да се слушне нашиот глас, дури и вие како Професорски пленум денес тоа и јавно го објавивте (барање за ТВ дебата), не гледам разлика меѓу јавната ТВ дебата и дебатата на состанокот предложен од министерот за образование и наука, особено што на состанокот се поканети 5 претставници од Професорскиот пленум кои ја прифатија поканата. Не гледам зошто едната би била “фрлање прав“, а другата не. Зошто дебатата во склоп на Интеруниверзитетската конференција би била “post festum”,  а дебатата на ТВ тоа не би била?

Почитувани колеги, Ве молам да останеме во академските рамки и на висината на нашата професија, а нашата сила да биде силата на аргументите, за доброто на сите.“- сто во писмото.

 

Поврзани новости