Се очекуваат над 13.000 евра од продажбата на книгата на Груевски: Ќе заработува ли Никола и додека е во бегство?!

by fokus

Денес на саемот на книгата во Скопје ќе биде промовирана новата книга ,,Искуства за иднината” чиј автор е осудениот екс премиер Никола Груевски. Тој се пофали на социјалните мрежи за своето ново дело, кое излегува во печат преку издавачката куќа Ѓурѓа.

Околу тоа дали и колку ќе заработи бегалецот Груевски од продажбата на книгата, ,,Фокус” разговараше со Никола Костески, сопственик и основач на издавачката куќа Ѓурѓа, кој самиот ја одработил целокупната подготовка на книгата. Костески открива дека книгата на Груевски со мека подврска ќе се продава по цена од 300 денари, а истата е со тираж од 1.000 примероци, што значи дека од нејзината продажба се очекуваат нешто помалку од 5.000 евра.

Примероците од книгата пак, со тврди корици ќе се продавале по цена од 500 денари, и тиражот бил исто така во 1.000 примероци, со што од продажбата се очекувааат нешто повеќе од осум илјади евра, односно книгата на Груевски би требало да донесе заработувачка од над 13 илјади евра од првото издание.

На нашето прашање каде ќе завршат парите од продажбата на книгата, основачот на Ѓурѓа тврди дека тие одат во семејната каса на издавачката куќа.

-ЃУРЃА е првата независна ИК во Македонија (1987). До денес под тој знак излегле околу 1.300 наслови, во тираж од околу 1.800.000 примероци. Фала на прашањето: парите одат во касата на семејната фирма ЃУРЃА, чиј сопственик и основач сум јас, а сега ја раководи мојата ќерка, Ѓурѓица. Со дел од парите, ако така оцени директорката, ќе ми исплати скромен хонорар, бидејќи целокупната подготовка на книгата самиот ја одработив – вели Костески, додавајќа на шега дека најверојатно парите ќе ги потроши на забар.

Детали околу тоа дали и колкава заработка ќе има Груевски од авторското дело, тој не открива. Вели дека најчесто на авторите им се исплаќа хонороар на сметка, но имало и такви кои не сакале пари, туку само одреден број на примероци од книгата.

-ЃУРЃА работи според сите меѓународни стандарди во издаваштвото, односно, е корпоративно одговорна фирма: ги плаќа издавачките права за книгите што ги преведува, а на домашните автори им го исплаќа ДОГОВОРЕНИОТ хонорар: во пари и на сметка. Имаме случаи кои не сакаат пари, ами бараат определен број примероци. На авторите им исплаќаме и тантиеми и тоа пет проценти за првата година и три за втората. Ако ја следите нашата издавачка програма, бездруго, сте забележале дека многу малку издаваме домашни автори. Најмногу издаваме автори и дела кои го поминале тестот на времето и за кои не се плаќаат авторските права. За ликовните решенија, најчесто, го користиме фондот на Шатерсток – вели издавачот.

Додава дека треба да го насочиме интересот и кон другите автори, како на пример Љубчо Георгиевски, чие второ издание на книгата ,,Мојата македонска приказна – Каде одиш Македонијо?” штотуку излегло во печат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости