Се напи кафе и рече дека ќе се врати за ручек, помогнете да го најдам син ми – апелира мајката на исчезнатиот демиркапиец

by Fokus

Полицијата и жители на Демир Капија веќе неколку дена трагаат по Илија Лазаревиќ (30) кој во петокот околу 15.45 часот заминал од својот дом и му се губи секаков траг.

Неговата мајка Снежана во разговор за ,,Фокус” вели дека минува низ агонија. Никогаш во минатото не се случило да се соочат со сличен настан, син и бил скромен човек.

-Се вратив од работа во петокот, Илија се напи кафе, рече дека ќе излезе малку да прошета. Му реков дека наскоро ќе биде готов ручекот, ми кажа дека ќе руча кога ќе се врати. Од тогаш нема ников глас од моето дете – вели очајната мајка.

Појаснува дека Илија со себе носел мобилен телефон, неколку часа откако излегол му ѕвонела, но не и одговорил на повиците. Сега веќе и мобилниот телефон му бил исклучен.

-Излезе надвор облечен во темно црвена тренерка и кратки црни пантолони, сиви патики. Висок е околу 180 сантиметри, средна градба, смеѓа коса и брада… Не знам што се случува, настанот го пријавив во полиција, замолувам кој и да има информација да ми се јави, може да е било каде во земјава – вели мајката. Негови другари во тек на вчерашниот ден го барале низ Демир Капија, но потрагата била безуспешна.

Од СВР Велес за ,,Фокус” го потврдија случајот и додаваат дека истрагата е во тек. Сите кои имаат било каква информација за Илија, да се јават во полиција или пак кај мајката на 078 910 566.

Вики Клинчарова

Поврзани новости