Се лажат Македонците ако мислат дека власта се менува со ливче и со гласање

by Фокус

Текстот е објавен на петти септември 2003-та во неделникот „Фокус“ во бројот 429

Разговарал
Никола МЛАДЕНОВ

Елена Гули Наумоска е 63-годишен пензионер од Крушево. За прв пат ја видов кога непосредно по Втори Август, со разбирлива емотивност, преку Сител Телевизија, на македонската јавност ѝ ја соопшти сета горчина што со децении наназад ја збирала во душата, поради недостојниот однос и на македонската власт кон живите наследници на големиот Војвода Питу Гули. Нејзината искреност, достоинственоста со која зборуваше за сета наша недостојност кон делото на Великанот, ме трогна до солзи. Во тие пет-десет минути, можеше да се види одговорот на прашањето, зошто ѝ се случувале и неминовно ќе ѝ се случуваат најцрни црнила на нацијата која заборава на синовите кои со живот ја платиле љубовта кон Татковината.

Минатата сабота, значи, имав задоволство да разговарам со една од двете внуки на Питу. Имав чест да седнам крај нејзината трпеза, да пробам вкусна крушевска пита во нејзината семејна куќа, која, за иронијата да биде уште поголема, разбрав дека е на улица која не носи име ниту на некој курир илинденски, туку на „многу важниот“ човек, кој, своевремено, од белградската централа бил пратен да организира комунистички ќелии низ славно Крушево!

За жал, со животот на човекот кој до последен здив остана на браникот на честа на крушевчани и Македонија, воопшто, најдетално се занимава само еден човек, кој не е ниту историчар, но, затоа, е пасиониран почитувач на неговото дело и семеен пријател на неговата внука. Благодарејќи на книгата на Кочо Топузовски: „Питу Гули, живот и потоа“, од пред едвај 8 години, постојат, сепак, и малкумина Македонци кои можат да кажат дека и знаат нешто повеќе за јунакот, чие име, рамо до рамо со Гоце и Даме, го пеат во својата национална химна!

ФОКУС: Разговоров би го започнал со евентуалните реакции по Вашиот настап на ТВ Сител. Ме интересира, значи, што се случи потоа? Дали нешто се промени во животот на Елена Гули Наумоска?

ЕЛЕНА: Единствена промена беше самата реакција на народот. Се јавуваа луѓе од Крушево, се јавуваа од надвор, од други места… Некои не знаеја ниту дека воопшто постојат директни потомци на Питу Гули. Некои велеа дека добро сум направила што јавно сум се јавила, оти крајно време било за такво нешто. Разбирливо, луѓето што се јавуваа не се претставуваа, меѓутоа, главно, тие имаа позитивни реакции за моето појавување на телевизија… иако јас, лично, тоа воопшто не го очекував… Меѓутоа, и покрај сето тоа, на затворањето на манифестацијата Десет дена Крушевска Република се случи уште еден немила сцена…

ФОКУС: На колку дена по Вашиот настап на Сител Телевизија?

ЕЛЕНА: Тоа се случи по четири-пет дена. Имено, отидовме ние, со семејството, да присуствуваме на чинот на затворањето на Десетте дена; ја очекувавме церемонијата на свечено симнување на знамето, доаѓањето на комитите… Но, уште на одење, од летната сцена, горе, слушнавме дека веќе се пее химната.!? Не задржаа комитите со кои почнавме разговор, бидејќи одамна се познаваме… Знамето беше ставено на еден од столбовите… Ние ги запрашавме, каде има музика или нешто друго, некое обележје да има?! Вака, четворица од комитите само го симнаа знамето, го здиплија и го однесоа. Сестра ми и особено внук ми со голема возбуда го очекуваа тој свечен чин..!

КОЈ ГО ПРЕДАДЕ СТЕРЈУ ГУЛИ?

ФОКУС: Зборувате за Евгенија, Вашата единствена сестра, мажена во Црна Гора, која посебно, исклучиво за таа пригода, заедно со својот син, пристигнат од Америка, дојде во Крушево..?

ЕЛЕНА: Да… Иако тоа не му беше прв пат на внукот. Напротив. Тој повеќе пати доаѓал тука, но, ете, лани не дојде, оти, ми рече, „сега не доаѓам тето, бидејќи го чекам јубилејот, за да видам како ќе биде тогаш!“. Кога отидовме таму, видовме дека „задоцнивме“, но, уште на времето, мажот ми беше дел од техничкиот персонал на Манифестацијата, па, уште додека Кочо Топузоски беше директор на Стоте дена, немаше проблем за места на кои би седнале. Кочо имаше извонредна почит и кон него…Нејсе. Годинава, видов луѓе кои седеа дури во третиот ред или уште потаму, иако заслужиле да седат во првиот ред, каде отсекогаш се чувало по некое празно место. За секој случај, доколку, ете, во последен миг стигне некој што заслужува таму да седне…

ФОКУС: Кој сега седеше напред? Кој годинава се сметаше за важен гостин?

ЕЛЕНА: Па, еве, годинава, на пример, напред седеше сопругата на секретарот на манифестацијата! Да не ме сфатите погрешно, веднаш ќе кажам дека ние никогаш и не сме седеле напред, меѓутоа, работите порано беа многу поорганизирани. Почнувајќи од самото китење на градот, кое, во крајна линија, не можеше да не се случи, оти, без оглед што само мажот ми добиваше некаков надомест за Десетте дена, колку што, впрочем, и беше ангажиран, сите ние работевме со него. Со песна, со задоволство, оти никој не ни помислувал на пари… Градот секогаш беше накитен, имаше играорни групи… за разлика од годинава!

ФОКУС: Што конкретно се случи на самиот ден од затворањето на Десетте дена?

ЕЛЕНА: Одиме, значи, и бараме место каде што би седнале, кога гледам дека воопшто нема место за да се седне. Тогаш Топузоски нѐ здогледа, рипна од местото и ме покани да седнам во првиот ред, бидејќи таму имаше едно празно столче. Но, јас се заблагодарив, оти, му велам дека не можам само јас да седнам, бидејќи не сум сама дојдена. На крајот на краиштата, мене не ми е толку важно, поважно е за нив – за сестра ми, внукот… И, додека му објаснувам на Кочо, забележувам дека напред, во првиот ред, годинава седи редарот со неговата сопруга. Со него, пак, и со некои други, до него, кои не ги ни познавам, и минатата година имав една немила сцена… Тогаш редарот не сакаше да потстане, за да седнеме ние, така што останатите луѓе мораа да се поместуваат, да ги ставаат децата во скутовите, за да ни направат место..!

ФОКУС: Дали годинешното затворање беше удостоено од некој од државните „големци“?

ЕЛЕНА: Немаше никој..!

ФОКУС: Дали некој од нив, покрај „обичниот“ народ, се јави по Вашиот настап на Сител Телевизија?

ЕЛЕНА: Не, не се јави никој…

ФОКУС: Значи, никој освен…

ЕЛЕНА: Да, како што реков, се јавија многу луѓе, мои познати и непознати, и реагираа. Сите тие ми честитаа, добив многу пофални зборови, за што и сега им благодарам… Без оглед што не очекував, мене, нормално, ми значи тоа што ама баш никој не ми рече ниту збор настрана. Никој не рече, што бараше на телевизија, зошто отиде јавно да зборуваш..? Напротив. Луѓето велеа дека е добро еднаш да и се каже на јавноста кој е и што е! Главно велеа дека не само тие, лично, ами и цели нивни семејства биле револтирани кога виделе за кого сѐ се нашло место, но, ете, не се нашло и за директните потомци на Војводата Питу Гули..!

ФОКУС: Дали се јави барем некој од Одборот за обележување на Десетте дена Крушевска Република, некој од крушевчани, кои, претпоставувам, и лично Ве познаваат?

ЕЛЕНА: Како не би ме знаеле!? Претседател на Десетте дена Крушевска Република годинава е Таки Фити!

ФОКУС: Дали тој лично Ве познава?

ЕЛЕНА: Како да не ме знае, кога сме и соседи?! Тој седи позади мојата куќа..!

ФОКУС: Ним не им е непозната Вашата семејна историја?

ЕЛЕНА: И тој знае сѐ, бидејќи ми е сосед. Исто така, долу на платото беше и пратеникот крушевски… Тие не се ни поздравија со мене, освен што пратеникот малку се доближи и мислам дека не ни прозбори, ами само ме потчукна по рамето…

ФОКУС: ?!

ЕЛЕНА: И јас се зачудив, но, што е – тука е. Конечно, јас и порано реков дека, во крајна линија, мене нека ме ставаат на страна, меѓутоа, сестра ми не е секој ден во Крушево, па не ни можела на никого во животот ништо лошо да му направи… Можеа барем неа да ја почестат. Јас бев револтирана, бидејќи, еве, се слави 100 годишнината, а јас не барав ништо – ни пензија, ни плата, ама, сепак, можеа барем една покана да пратат! Јас, ете, земам една пензија, бидејќи своевремено работев како чистачка во Монополот… Така беше, оти не се најде некое друго место за мене; не завршив школо и не можев да бидам ништо друго освен чистачка.

ФОКУС: Како што беше и со останатите, кои…

ЕЛЕНА: Не беше баш така за сите, но, за мене така беше. За разлика од некои други, кои исто така не завршија школо или, пак, завршија колку што јас стигнав да завршам, па, сепак, беа на повидни места… Но, повторувам, тоа во случајов воопшто не е важно. Јас и ден-денес не ставам забелешки за тоа, туку, конкретно, ме здоболе односот, кој кулминираше годинава!

ФОКУС: Како Вие, лично, си го објаснувате тој, благо речено, игнорантски однос на државното раководство кон семејството Гули? Дали отсекогаш било вака, т.е. откако помните за празнувањата на Втори Август?

ЕЛЕНА: Знаете, јас, сестра ми и брат ми (син на мајката на Елена од првиот брак, з.м.) останавме сираци на мали години. Јас сум без татко од четири години…На мајка ми не и беше воопшто лесно, со три деца, сама… Помнам дека ние, како деца сираци, и на Втори Август бевме некако во позадина. Мајка ми доби работа како готвачка во болницата, за разлика од оние што во партизанското беа…

ФОКУС: Но, и Вашиот татко Стерју, најмладиот син на Питу, е дел од партизанските единици?!

ЕЛЕНА: Уште повеќе, смртта го наоѓа татко ми на позицијата заменик командант на Командата на Крушево..!

ФОКУС: Причината да не лежи во тоа што Стерју Гули бил поставен за кмет во соседно Алдинци од страна на бугарските власти по окупацијата на Крушево, иако, според моите сознанија, и од таа позиција бил во контакт и од полза на НОБ?

ЕЛЕНА: Се разбира дека има луѓе кои не се срамат и нему да му забележат нешто за време на бугарското, дека бил поставен од Бугарите… Меѓутоа, сите тие забораваат каков живот живеел Стерју за време на српското!

ФОКУС: Што се случувало тогаш со него?

ЕЛЕНА: Како многу млад, татко ми застрелал српски полицаец. Се обидел да избега од тогашната власт, но, откако побарал храна од некои богати крушевски сточари, домаќинот не само што му ја затворил вратата, ами и го предал. На џандарите не им требало многу за да го фатат, а, потоа, и да го „чуваат“ цели 16 години во затворот во Пожаревац. Потоа, тој се вратил во Крушево, дошол како син на Питу Гулу, меѓутоа, на најголемиот број богати крушевчани им било страв да го примат. Никој од нив не го прибрал, иако биле доволно економски моќни, ама и нив не ги критикувам..!

ПАРТИЗАНОТ ГИ ОДЗЕЛ И ПУШКИТЕ ОД ПИТУ!

ФОКУС: Без оглед на тоа, кажете ни што се случува со Стерју до ’41-та?

ЕЛЕНА: Во почетокот, татко ми работел како калајџија преку летото, а зиме помагал околу овците кај вујко му и кај некои други роднини, кои, очигледно, биле единствените што воделе грижа за него. Потоа, откако се изградил крушевскиот монопол, некое време работел и како цвеќар во неговиот двор…

ФОКУС: Тој немал право ниту на женење?

ЕЛЕНА: Како поранешен осуденик, тој, во српското, немал право на тоа. Освен тоа, татко ми морал и три пати дневно да се јавува во полицијата. Така било долго време по излегувањето од затвор, кога, логично, не можел ниту да го напушта Крушево…

ФОКУС: Поупатените знаат дека, од тие причини, и Вие, како негово дете, сте имале проблеми со личните документи..!

ЕЛЕНА: Така испаднале работите…Татко ми се оженил, иако немал право на тоа, со мајка ми, која била вдовица со дете посмртче. Логично, живееле кај неа, оти тој немал ни куќа, ни имот… Од затвор дојден по 16 години, што би можел и да има?! Но, ни мајка ми немала кој-знае-што. Веќе била вдовица, со дете и слепа мајка в куќи, па, судбината ги составила да се грижат еден за друг. Набрзо се родиле уште две деца, јас и сестра ми, па едвај некако се составувал крај со крај. Оној што го знае сето тоа, тешко би можел било што да му забележи на татко ми..!

ФОКУС: Кажете ни какво е прославувањето на Илинден во Вашите најрани сеќавања?

ЕЛЕНА: Сите ние, уште како деца, сме оделе пеш до Мечкин Камен, сме го прославувале големиот ден, меѓутоа, не паметам дека било кога, и тогаш, како и сега, во моето семејство стигнала некаква официјална покана за, ете, и внуците на Питу да појдат на Мечкин Камен…

ФОКУС: Што посебно помните од тогашните одбележувања на Илинден? Што се случуваше со семејството Гули во тие денови?

ЕЛЕНА: Се сеќавам, секако, дека и ние, нашето семејство, како и сите други одеше на Мечкин Камен. Се сеќавам дека и тогаш, исто како и сега, бевме зад кулисите, што се вели. Да не ги именувам сега оние што беа напред, бидејќи, во крајна линија, и не беа толку видни партизани колку што сакаа да се прикажат, особено за празниците, кога со целите семејства печеа јагниња, прославуваа…Меѓу останатото, ако навистина беа толку видни, тогаш ќе беа загинати, но, да не отворам расправа околу тоа. Оној што сака, нека повели да ме демантира, иако не може да го стори тоа, оти, тие што навистина беа големи борци, тие гинеа, без оглед дали во Илинденското востание, дали сега..!

ФОКУС: Каков беше односот кон Вашата мајка?

ЕЛЕНА: Од време на време, мајка ми ќе добиеше некоја покана по повод одредени празници, па, заедно со останатите жени на борци, ќе појдеше на коктел кај градоначалникот.

ФОКУС: Дали за мајка Ви најдоа некаква работа? Што, всушност, работеше Љуба Гули?

ЕЛЕНА: За мајка ми не можеа да најдат работа. Со големи маки се случи да работи привремено, како готвачка, во еден интернат. Таа работеше таму во еден период, а потоа се бараше вработување, исто така како готвачка, во болницата, но, велам, се беше проследено со големи маки, со многу расправии…

ФОКУС: Баш никој не се сетил, барем во слободно Крушево, на семејството Гули?

ЕЛЕНА: Не сакам да отворам расправии, да спомнувам конкретни имиња, оти и децата му се живи, но секој ќе знае за кој овдешен, прочуен борец се работи…Тој, имено, нам ни го зеде и она што ни го оставил татко ми. Дошол в куќи, ги зел работите од татко ми, велејќи дека „сето тоа и припаѓа на државата“. Прочуениот борец го земал и она што татко ми го имал на себе: часовникот, двогледот и трите пушки кои биле лично од неговиот татко – Питу Гули!

ФОКУС: Партизанот го собрал и она што Питу Гули го оставил во наследство на својот син!?

ЕЛЕНА: Видете, од Питу Гули биле оставени три пушки. Дедо ми нив ги оставил за тројцата синови, за, еден ден, кога ќе пораснат, да им ги дадат, како своевиден татков завет. Трите пушки ги чувале Зердевци. Откако татко ми се вратил од затвор, Зердевци му ги дале пушките, оти тие ја почитувале желбата на Питу. Со оглед дека по излегувањето од Пожаревац, татко ми бил единствениот жив син, тој ги земал пушките и си ги чувал дома. Меѓутоа, покрај пиштолот, редениците, двогледот, кои се гледаат и на неговите фотографии, и тие биле одземени од носителот на партизанска споменица..!

ФОКУС: Не сакате да му го откриете името?

ЕЛЕНА: Тоа, сега, воопшто не е важно. Важно е дека односот бил таков, каков што Ви го кажувам. Прашувате, дали нешто се помогнало, а јас Ви кажувам дека се однело и она што се имало! Уште повеќе, човекот запнал, покрај оружјето, кое, нели, констатирал дека е државно, да го земе дури и коњот. И тој божем бил државен!? Меѓутоа, како и да е, во тоа не успеал, па, благодарејќи и на тој коњ, на неговата работа, селаните во замена ни даваа брашно!

ФОКУС: Дали истиот човек стана некој битен фактор на влијание во Крушево?

ЕЛЕНА: Да. Истиот тој што ни ги зеде работите на татко, подоцна стана и директор во болницата. Во истата болница во која мајка ми, со триста маки и врски, едвај некако беше вработена. До тогаш мајка ми добиваше додаток, за заслугите на татко ми, па се наоѓаа средства во висина на сегашните што се делат како социјала. Меѓутоа, тоа време не беше како сегашново: вакви или онакви патики, алишта со ваква или онаква марка – немаше такви работи. Ама, за Велигден, на пример, ќе ни купеа едни патичиња и ние бевме благодарни..!

ФОКУС: Историчарите го бележат спектаклот кој се случил во ’41-та, кога во Крушево влегла бугарската војска, а новата власт, набрзо потоа, ги пренела посмртните останки на Питу, од еден во друг гроб, сакајќи, бездруго, да покаже дека тој бил борец за бугарштината во Македонија…

ЕЛЕНА: Јас сум тогаш многу мала за да се сеќавам на било што, но, и според кажувањата на брат ми Коста, на Илинден таа година, Бугарите со посебни почести ги префрлиле коските на дедо ми, кој до тогаш почивал во туѓ гроб, каде кришум од Турците бил погребан од неговата сестра и една нејзина сосетка. Во новиот гроб, Питу Гули е сѐ до 1983-та година…

ФОКУС: Ме интересира тој меѓупериод. Имено, за разлика од бугарската, што направила нашата, македонската власт со Војводата? Каков е нејзиниот однос кон местото каде почивал херојот? Му се оддавала, ли, должната почит, дали се одржувал..?

ЕЛЕНА: Во чест на 80-годишнината од Илинденското востание, тогашните фактори одлучиле да ги префрлат посмртните останки на Питу во горниот дел од гробиштата, во редот со загинатите борци кои за време на НОБ војувале во одредот што го носел неговото име. Познато е, имено, дека дотогашната гробница била прилично запуштена… Конечно, каква и би била, кога тие гробишта ги есапеа за бугарски, иако сите што таму почиваат, загинаа за Македонија. Никој од нив не загина за Бугарија… Сите борци кои беа таму, а загинаа овде, секој знае дека само слободно оделе и се враќале од Бугарија. Исто толку слободно, како што денес, на пример, доаѓаат и нашинците од Албанија, па тоа никако не значи дека тие се Албанци. Овде, пак, на ден Илинден слушаме и српските песни!? Јас и во Црна Гора кога одам, не слушам нешто особено да се пее ни српска песна, ниту, пак, да се воспева Југославија или маршот на Дрина. Напротив, секој на својот гроб си плаче… И, навистина не знам што се прави ова овде?! Дали можеби некој сака повторно да се враќаме во Србија?! Јас мислам дека ние сме Македонци, дека треба сами да одлучиме како ќе си живееме во Македонија. Секој нека си го има своето… Секоја чест за секоја држава, но, сепак, нека не фаќаат овде, бидејќи многу крв се даде за Македонија, а, како што гледам, некој сака да ја продаде и да печали на неа!

И ВО КРУШЕВО ИМА ЛУЃЕ ШТО НЕ ЗНААТ ДЕКА ПИТУ ИМА ЖИВИ ПОТОМЦИ!

ФОКУС: Според Вас, од кои причини македонскиот народ изградил ваков однос кон Питу и неговите потомци во сопствената, македонска држава?

ЕЛЕНА: Мислам дека причината за сево ова лежи во самото Крушево. Од односот на некои влијателни крушевчани, кои секогаш стигнувале до највисоките врвови на власта. По мое, јас мислам дека никако не смее да се занемари фактот што татко ми дошол да се жени во македонско маало, па, на тој начин, се сметало дека нашето семејство не се приклучило кон влашката страна… Иако ние никогаш не сме размислувале на таков начин!

ФОКУС: „Вината“ е во тоа што Вашата мајка била Македонка?

ЕЛЕНА: Така излегува…

ФОКУС: Проблемот е во тоа што видните Власите гледаат проблем во тоа што Влавот Стерју земал Македонка Љуба за жена?

ЕЛЕНА: Иако сите се зедоа со Македонки, па не ни останаа Власи…

ФОКУС: Како тоа не останале Власи?!

ЕЛЕНА: Знаете, овде луѓето се мешале низ бракови. Влав ќе земел Македонка, која за пет-шест месеци ќе поднаучела влашки, па ќе ѝ се најдела некаква работа, но тоа не значи дека таа станала Влаинка!? Како што и на нивните деца не можете да им го негирате „остатокот“ од потеклото кое им е влашко. Но, како може тоа да се гледа како грев на татко ми, ако се знае дека неговите, според етникум, Власи, бегале од него откако тој излегол од затвор?! Србите велеле да седи во Крушево, три пати дневно на полиција да оди, за женачка да не мисли, Власите што биле имотни не се загрижиле за него… Кај да оди човекот?!

ФОКУС: Сакате да кажете дека Власите дигнале раце од Питу?

ЕЛЕНА: Видете, во Скопје, на пример, постои друштво на Питу Гули. Факт е дека тоа друштво е влашко друштво и мене ми е многу мило што тоа е работа која трае. Меѓутоа, исто така е факт дека во ниедно друштво не им текна, па да речат, дај да ги викнеме луѓево кои се единствените живи потомци на човекот чие име го носиме!

ФОКУС: Можеби луѓето не знаат дека Питу Гули има живи потомци?!

ЕЛЕНА: Вие се потсмевате со тоа, но ќе Ви кажам дека и ден-денес има луѓе кои се родени крушевчани, ама не го знаат тоа. Иако барем 12-13 години нема ни Турци, ни Срби, ни Бугари, ни Југословени, туку, ете, велиме дека самите, ние, Македонците, си ја водиме Македонија!

ФОКУС: Дали некој друг, освен Кочо Топузоски, истражува и публикува сознанија за животот и делото на Питу?

ЕЛЕНА: Немам видено дека некој друг, освен него, да се занимава со тоа… Јас мислам дека токму нему треба да му се даде септемвриската награда, бидејќи тој е единствениот што постојано пишува, се бори за Крушево, кое изгледаат сакаат целосно да го запустат. Не можам поинаку, освен да мислам дека некој намерно сака да го затвори Крушево. Ова денес е мртов град. Слободно може да стават една рампа, долу на влезот, и да напишат дека ова е мртов град – исклучиво за пензионери!

ФОКУС: До даму, ли, е дојдено…

ЕЛЕНА: Да, да, ништо нема во градот!

ФОКУС: Толку лошо живеат младите крушевчани?

ЕЛЕНА: Особено младите не живеат никако. Особено за нив нема ништо… Доколку некој си се снашол уште на времето, па сега стигнал нешто да направи… Или, пак, доколку некој имал нешто од старите, па, сега, се снашол со отворање на некое продавниче, меѓутоа, и тоа што се направило, ќе мора да се затвори, бидејќи народот нема пари за да купува. На времето Крушево имаше и стаклара, и златара… Се уште постои и тутунски комбинат, но, со оглед дека таму работи син ми, знам дека и на комбинатот му се подготвува катастрофа. Особено во последно време и целата македонска јавност е запознаена со намерите на одделни моќници да го ликвидираат, па и него да го затворат..!

ФОКУС: Според Вас, кој таму ја мати водата?

ЕЛЕНА: Зад напорите за ликвидација на Тутунскиот комбинат стои државата. Таа сака да го затвори. Крушевчани се обидоа да го спасат комбинатот, да помогнат со акциите, за да се излезе од сегашната лоша ситуација, оти, нормално, од комбинатот живеат крушевчани…Сите знаеме дека од државата не може да се чекаат пари, за таа да даде за да се отвори фабрика или, пак, вечно да те помага, но, сиве матни игри околу Комбинатот стануваат толку провидни што никој не може веќе да се залаже дека сево ова се прави, за „во најскоро време“, државата повторно да ја отвори фирмата!? Да ѝ сака арно, на државата многу полесно ѝ е сега да ја спаси, наместо да чека прво да пропадне, за, потоа, божем од ново да ја дига на нозе!? Очигледно е дека некои лични интереси се во игра..!

ФОКУС: Што прават младите..?

ЕЛЕНА: Што може да прават, кога немаат ни 30 денари за едно сокче да купат. Навечер, така, седат во паркот… Катастрофа. На 30-35 години, човек да мора да чека на скромните пензии од дедовците и бабите!!!

ФОКУС: Кога зборуваме за Крушево, меѓу останатото, си спомнувам и на ’90-ата, кога Салџиоски и Топузоски на Собранието му предложија Крушево да стане бесцаринска зона, за целиов регион да оживеее…

ЕЛЕНА: Или ќе се почне токму оттука – Крушево прочуено, прва Република една… Да знаете, Македонија не може да тргне без Крушево!

ФОКУС: Зошто, според Вас, тој проект не мина ниту во Собранието, ниту, пак, според мене, барем со должното внимание?

ЕЛЕНА: Од каде, пак, јас да знам зошто тој проект не успеа?! Можеме само да нагаѓаме… Дали, можеби, постојат некои интереси да не ја биде централна или источна Македонија? Дали, можеби, некој сака сиот развој максимално да го насочува кон нашиот западен дел? Кој ќе го знае… Но, за цело ова време не може да не се види едно – Македонија никако да ја биде!

ФОКУС: Мислите дека смислено се токмат работите, за Македонија да не бидне држава?

ЕЛЕНА: Кој знае, дали ќе е смислено или случајно?! Не може човек да е сигурен за таа работа, ама, главно, гледаме дека не се направи ништо особено и во другите места, иако не верувам дека тоа беше невозможно. Та, ние сме една педа земја, не сме кој знае колку..!

ВЛАСИТЕ СЕ ГОРДИ НА ПИТУ… ДОДЕКА ТРАЕ ПРАЗНИКОТ!

ФОКУС: Додека се подготвував за разговоров, контактирав и со повеќе Власи. Констатиравме дека нивното влијание, не во последниве пет-десет, ами и десеттици години наназад, е многу големо и вон границите на Македонија. Економски гледано, во моментов тие се можеби и најмоќната етничка заедница во државава. Разбирливо, финансиската моќ ги прави извонредно моќни и во политиката. Како Власите дозволуваат токму Крушево да стане „Твин Пикс“, како што пишува на една табла, чинам при влезот во градов?!

ЕЛЕНА: Рака на срце, во последно време се има јавено дека некој Влав, Моцан се вика, ќе отвора погон за трикотажа, дека зема еден дел од златарата, дека веќе го опремува и, затоа, мислам дека треба на тој човек да му се честита. Се разбира, доколку вработи од овдешниве млади, како што тој велел дека ќе вработи. Воопшто не е битно, дали ќе вработи Македонци или Власи, затоа што сите тие се крушевчани. Најбитно е да заживее градот, па, нормално, и јас сега се надевам дека само тој може нешто брзо да направи. За жал, не гледам други со намера да направат нешто арно за градов од кој мнозина ги влечат своите корени!

ФОКУС: Имајќи ја предвид блискоста со Моцан, можеби ќе тргне работата, па, и, веројатно најмоќниот Влав во земјава, Штерјо Наков, да „скрши нога“ наваму?

ЕЛЕНА: Јас не знам колку се тие блиски. Не навлегувам ниту во тоа, кој колку моќ има ваму или онаму. Јас, првенствено, гледам да биде арно за градов. Затоа, секоја чест за сите оние што мислат нешто да градат овде. Младиов свет треба да работи нешто…

ФОКУС: Не можам да престанам со исчудување пред фактот дека Власите ја дозволуваат агонијава со која се соочува Крушево и крушевчани?! Несфатлив ми е и односот кон Питу, кон неговите потомци… Зар е можно да не се гордеат со неговата недостижна храброст?! Излегува како да го презираат…

ЕЛЕНА: Не, не… Тие со тоа се гордеат. Власите се гордеат со Питу, оти тој докажува какви херои имаат Власите, меѓутоа, за жал, тоа се случува само тогаш кога ќе дојде некој празник. Од тој момент, натаму – забораваат! На Илинден сите се големи крушевчани, го посетуваат гробот на Питу Гули, се согласуваат дека Илинден треба највозвишено да се слави, дека војводата Питу е Влав… Скраја да е, никој не стигнал до таму, па да се срами од неговото јуначко дело!

ФОКУС: Зошто, тогаш, чувството на гордост ги напушта толку брзо?!

ЕЛЕНА: Не знам… Еве, и јас многу пати имам слушнато дека некој вели: „А, бе, јас му бев некој роднина на Питу… подалечен роднина“, па на тоа само се потсмевам, бидејќи само јас знам до каде ми е роднинската врска. Има и такви кои мислат дека, доколку кажат нешто такво, можеби и ќе добијат нешто. Сите нив морам да ги „разочарам“, оти, еве, јас за 63 години не добив ништо…

ФОКУС: На збогување, Питу возвраќа на загриженоста на својата сопруга со зборовите: „Македонија ќе ги чува!“, мислејќи на четирите мали деца, доколку тој не се врати жив од Мечкин Камен. Како денес гледате на неговата прочуена саможртва, со оглед на тоа што најдобро знаете колку, всушност, Македонија се грижела за неговите сирачиња?

ЕЛЕНА: Јас отсекогаш сум кажувала и, еве, одново ќе кажам дека не само дедо ми, ами и стриковците, и сите наши најблиски, во борба оделе млади, не мислејќи за себе лично, или, пак, за некакви материјални привилегии, ами за слободата на нашата Македонија. Никој, велам, не гледал на материјалната страна. И моево реагирање по повод стогодишнината нема никаква врска со тоа. Сто пати реков дека не барам ни пари, ни пензии… Сакам само должна човечка почит. Мака ми е кога се гази по достоинството на дедо ми, на татко ми, на целото семејство… Тогаш ми е многу тешко, па не можам да не се запрашам, што тоа лошо Гулевци ѝ направија на Македонија!? Од неа никогаш не баравме ништо. За неа секогаш го дававме најмилото – животите на најблиските. Зар заради тоа треба да ме доведат во ситуација уште и да се срамам, можеби, од што сум внука на Питу Гули?!

ФОКУС: Како Вие го доживеавте годинешново, јубилејно одбележување на стоте години од Илинденското востание?

ЕЛЕНА: Никако. Мислам дека ова беше најлошото одбележување откако јас постојам. Најмалку поради тоа што не поканија мене… Јас сум и навикната да не ме канат…

ФОКУС: Не мислите дека Македонците на достоен начин си го одбележаа најголемиот празник?

ЕЛЕНА: Ве молам… Ова што се случи годинава, најмалку личеше на славење 100 годишнина од најсветол датум! На крајот на краиштата, јас очекував и повеќе народ, но годинава имаше помалку луѓе од минатата година, на пример. Од цела Македонија, од цел свет лани беа дојдени Македонци и немаше никакви инциденти. Секој што сакаше, можеше да дојде, да прославува… Годинава, практично, немаше никаква прослава! На Мечин Камен не се ни спомна Питу Гули, иако тој е синоним за самиот Мечкин Камен!? Сѐ беше повеќе на војска, на специјалци… Инаку, на летната сцена беше никакво; тоа што го направи Тоше Проески беше обичен концерт… Ништо немам против него. Напротив. Убаво пее, публиката го сака, момчето донесе луѓе од разни држави, што е убаво – треба се зближуваме, ама, велам, тоа беше концерт и немаше никаква врска со Десетте дена Крушевска Република или Стоте години Илин ден!!!

ФОКУС: Мислам дека власта со половина уста го прослави илинденскиот јубилеј. Како да ѝ беше некој товар, од кој, ете, требаше само да се раатиса, оти не биваше сосема да го „заборави“..!

ЕЛЕНА: Јас мислам дека власта сега не се секира многу за Македонија. Сега гледаат само да не ги фати некоја војна, да не ги мавне некој од некаде; сега сѐ дозволуваат, сѐ даваат, сѐ продаваат… Јас не сум надлежна да кажам, но, од она што го слушам, нив веќе не ги ни интересира патот по кој оди Македонија. На крајот на краиштата, оваа власт беше еднаш, ова им е втор пат, па, како да гледаат само да го искористат она што може да се искористи…На народот најмалку се мисли..!

ВЛАСТ СО ЛИВЧЕ НЕ СЕ МЕНУВА!

ФОКУС: Разбрав дека сте имале некои проблеми и при обидот да си вратите национализиран имот?

ЕЛЕНА: Уште од времето на свекорот, семејството има дуќани во чаршијата, спечалени од него, додека тој работел во Америка. Него му ги зеле во 1956 година. Три години потоа, требаше да ги вратат, но не ги вратија. Ние, наследниците, поднесовме барање, кое најпрво ми го одбија…

ФОКУС: Која година Ви го одбија барањето?

ЕЛЕНА: Во 1997 година. Јас имам дадено барање кога се трансформираше претпријатието „Универзал“. Тоа, практично, пропаѓаше, па дадовме уште тогаш жалба дека „неговите“ дуќани се, всушност, наши, за кои власта велеше дека ќе ги враќа… Сѐ ми се одби, дали поради „ова“, дали поради „она“… Потоа влезе во сила Законот за денационализација. Поднесов барање, Комисијата ми вели дека треба да се врати во рок од 30 дена, затоа што нема основ да не се врати, меѓутоа, еве, од ланскиот јуни, се уште второстепената нема решено, дали да се врати?

ФОКУС: Горе-долу, за оваа власт ми е разбирливо што без мерак го враќа она што нивните идеолошки предци го одземале, но, Груевски остави впечаток дека работи на исправање на таа неправда!?

ЕЛЕНА: Треба да се знае дека комисиите ја имаа главната обврска и дека до Груевски стигнувало само она што тој требало да го потпише.

ФОКУС: Не успеавате да стигнете ниту до него?

ЕЛЕНА: Ние си чекавме според редот, сакаме сѐ да си биде регуларно. Првостепената комисија донесе решение со кое ни се одбива барањето, па ние, правните следбеници, поднесовме жалба до второстепената, која ја уважи жалбата, го укина првостепеното решение и го врати на повторно разгледување. Меѓутоа, велам, веќе година и кусур помина, а таа нема донесено никаква одлука… И не дека не се знае за случајов… Во крајна линија, во Комисијата седи и една госпоѓа што ми е комшивка!

ФОКУС: Како живее Вашето семејство во оваа немаштија?

ЕЛЕНА: Јас живеам со синот, снаата и двете внучиња. Синот е вработен во Тутунскиот комбинат, во кој се земаше плата до последниве осум-девет месеци. Снаата има културолошко образование и, еве, 16 години чека работа, ама никако да се најде некоја работа за неа, иако таа е единствената во Крушево со такво образование. Годинава, откако се отвори поставката во леарницата, по повод Илинден, мислевме дека ќе најде работа како кустос, оти, велам, има соодветно образование, но, кога појдовме таму, што да видиме – за кустос беше ангажирана Црногорка, која на српски јазик објаснуваше најсветли мигови од македонската историја! Се разбира дека немам ништо против тоа што е Црногорка, и таа си бара корка леб, но, велам, чудно е тоа, ако градов има соодветен кадар за таа работа…

ФОКУС: Како живее ќерката?

ЕЛЕНА: Ќерка ми е мажена и е малку подобро ситуирана, оти мажот ѝ работи, свекрва ѝ има поголема пензија, иако, нормално, никакво решение не е таа да дава… Ќерката, инаку, не работи… Таа беше во „Сувенирка“, но, имаше проблеми со здравјето, па мораше да ја напушти работата што ја чекаше 10 години. Од неа имам уште две внучиња…

ФОКУС: Како крушевчани, воопшто, ја доживуваат денешнава македонска состојба?

ЕЛЕНА: Сите се разочарани. Има некои што не сакаат да признаат дека се разочарани и од новава власт… Се случи ова што се случи… Тешко е да се „голтне“, но не е лесно и да се признае дека надежта е изневерена…

ФОКУС: Крушевчани со свирежи го дочекаа и читањето на Манифестот на албански јазик при отворањето на Десетте дена Крушевска Република?

ЕЛЕНА: Тоа беше голема катастрофа, затоа што никогаш не се читал Манифестот ниту на албански, ниту на другите јазици на кои годинава се читаше. Секогаш Манифестот се читаше онака како што е напишан, па се правеше прослава, но, по македонскиот, да се чита и на албански, српски… Видовте и самите, прославата беше никаква. Имавме дојдено луѓе и од Канада, од Австралија… И тие се разочараа. Велеа дека кај нив подостоинствено се слави јубилејнава година…

ФОКУС: Но, по телевизиите видовме изјави на задоволни граѓани?

ЕЛЕНА: Или тие никогаш не биле во Крушево за Илинден, или си имаат некоја причина да го видат она што никој не го виде. Ве молам, па што беше тоа на Мечкин камен?! Народот фрлаше лименки, јајца… по официјалните гости. Не знам, навистина, што бараше и Киро Глигоров во Крушево, после она што еднаш веќе му се случи!?

ФОКУС: Можеби сакаше малку да штрбне од аурата на внуката на Делчев и некогаш прогонета секретарка на Ченто, со која дојде и замина од Мечкин Камен?

ЕЛЕНА: Не, не… И за неа таа работа не е за некое големо гордеење. Јас добро помнам дека токму таа, пред четири-пет години, крај охридскиот кеј, со многу погрдни зборови го критикуваше Глигоров… Никој нека не ми забележи, меѓутоа, јас, и да ме поканеа, со оној Албанецон, Буџаку, не ќе појдев да прославувам на Мечкин Камен. Нека си седат тие кај што се, во Парламентот, но… Би седнала со Албанците староседелци, со кои имавме соживот во Македонија, но, овие се од Ахмети! Ова се тие што ги утепаа нашите деца! Ова се тие што го направија нередот во Македонија… Еве, отворено кажувам дека и да ме поканеа, јас не би седнала со нив!

ФОКУС: Што правиме, тогаш, со Рамковниот договор, кој, според актуелната власт, е единствениот спас за Македонија?

ЕЛЕНА: Да ви кажам едно: Љубчо Георгиевски сега си даде оставка од претседателското место во ВМРО-ДПМНЕ, но тој требаше оставка да си даде уште пред Рамковниот. Тој не требаше да го потпише… За тоа има голема забелешка за Георгиевски. Тој уште тогаш требаше да си даде оставка, па, после, кој што сакаше – нека потпишува Рамковен договор..!

ФОКУС: Звучите многу песимистички. Не гледате шанса Македонија да заплови во мирни, бериќетни води?

ЕЛЕНА: Видете, ако Македонците што навистина се Македонци, односно, не оние што се просрби, про вака – про онака… Не, не, пробугари нема. Мене тоа постојано ме иритира, оти и нас знаат да нѐ викаат Бугари, само затоа што сме во горна маала, но, да знаете, Бугари овде нема, сите се Македонци… Значи, ако Македонците мислат дека власта ќе ја смениме со ливче и со гласање, тогаш – се лажеме самите себе си!

ФОКУС: Па, и претходната власт беше сменета со ливче и гласање!?

ЕЛЕНА: Да, ама со ливче од странство. Ме разбирате што ви велам? Црвенковски до последен момент не им кажа на Македонците дека ќе прави коалиција со Ахмети. Мора да си признаеме дека македонскиот народ е изигран… Македонскиот народ не гласаше за ова!

Поврзани новости