Од утре во кавадаречката болница започнува да функционира уште еден проширен дел на Ковид-19 одделот, со капацитет од 20 легла.
Откако пред неполни две недели беше отворено одделението за ковид позитивни пациенти, со капацитет од 14 кревети, ова е трето проширување, и вкупниот број на легла ќе изнесува 43.
Директорот на болницата, д-р Диме Коцев за ,,Фокус” вели дека доколку се јави потреба, и други делови во болницата ќе бидат пренаменети за пациентите инфицирани со корона вирус, чиј број изминативе неколку недели забрзано расте.
-Моментално имаме 18 хоспитализирани пациенти, од кои девет се од Неготино, девет од Кавадарци. Најмладиот е на возраст од 21 година, најстариот има 78 години.
Двајца пациенти се излекувани и пуштени дома, шест поради тешка клиничка слика се препратени на скопските клиники, една пациентка пред три дена почина на пат кон скопската болница.
Вирусот не бира возраст, имаме млади пациенти со многу тешки симптоми, лице на возраст од 25 години во тешка состојба препративме во Скопје.
Апелирам на максимално почитување на мерките и навремено барање на лекарска помош!
Истите апели ги повторуваме веќе со месеци, состојбата е алармантна. Да не се плашат пациентите, никој нема да остане незгрижен, ако се јави потреба и целата болница ќе ја пренамениме за лекување на ковид позитивни пациенти – вели д-р Коцев.
Додава дека загрижувачки е што доаѓаат и млади лица со тешка клиничка слика, и како болеста не ги гледа годините.
-Младите лица кои имаат сомнеж дека се инфицирани, да не чекаат и да не се лекуваат на своја рака. Не се знае чиј организам како ќе реагира на вирусот, да не бидат сигурни дека поради возраста ќе им помине сам од себе, туку без двоумење да ги консултираат своите матични лекари- порача директорот на болницата во Кавадарци.
Вики Клинчарова