Бројните напади на ЛГБТИ центарот за поддршка, нападите на активисти, постојаниот говор на омраза алармираат за потребата од заштита од дискриминација и насилство. Внесувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законот е прв чекор и основна мерка која законодавецот мора да ја преземе, изјави денеска Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.
– Прашањето на заштитата на човековите права на ЛГБТИ заедницата, не е само изолирано прашање на една маргинализирана заедница, туку е прашање на степенот на демократија во едно општество – додаде Пировска.
Заедничкиот прес го оддржаа Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Акција Здруженска и на ФРИК. Според присутните извештаите за прогресот на Македонија кон ЕУ ја нагласуваат потребата од дополнување на антидискриминацискиот закон со вклучување на сексуалната ориентација како заштитен основ.