Министерството за земјоделство и премиерот Никола Груевски молчат откако дополнителниот заменик-министер, Љупчо Николовски го објави големиот скандал поврзан со поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Србиновски, сегашен раководител на Подрачната единица на МЗШВ во Битола, кој заедно со семејство буквално го имаат запоседнато министерството, реагираат од СДСМ.
„Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Груевски, ниту пак министерството за земјоделство не даде одговор за овој класичен пример на злоупотреба на државните институции за партиски цели“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Николовски вчера објави дека Србиновски си го вработил целото семејство во министерството, кое воедно зело 45 хектари државно земјоделство земјиште под концесија. Исто така, Николовски рече дека Србиновски ги искористил последните поплави за злоупотреба на буџетските средства наменети за исплата на штети.
„Со државни пари и функции Груевски ги наградува партиските послушници, за да може преку нив да ги уценува земјоделците. И ова не е единствен случај. Земјоделците постојано реагираат на притисоците што ги трепат за време на избори од овие локални моќници на Груевски“, стои во соопштението на најголемата опозициска партија.