СДСМ ја демантира веста на порталот „Пресс24“ дека нивниот лидер, Зоран Заев, бегал од истражните органи во истрагата за случајот „Пуч“.
Од СДСМ објаснуваат дека нивниот претседател, Заев, бил повикан во Јавното обвинителство (ЈО) поради кривичната пријава која ја поднел СДСМ, како оштетен сведок, за доставување на дополнителни материјали.
Според демантот на СДСМ, опозицискиот лидер од обвинителството побарал друг термин, поради претходно утврдена дневна агенда за средби со меѓународни претставници.
-Објавувањето на информации од Јавното обвинителство, кои потоа лажно се пласираат преку провладините медиуми е уште една срамна потврда до каде оди контролата на власта над судството и медиумите – се вели во демантот на СДСМ.
Претходно денеска, порталот „Пресс24“ објави дека претседателот на СДСМ, бил повикан во ЈО да даде изјава за истражната постапка за случајот „Пуч“, но тој не се појавил од непознати причини.