Нов луксуз на Груевски, уште 13,3 милиони денари за фасадата на Владата, информираа од опозицискиот СДСМ, кои приложија и документи од јавната набавка.
– Уште 13,3 милиони денари, или 216.000 евра, забеганата власт на Никола Груевски ќе потроши за барокната фасада од гипс и стиропор на зградата на Владата. Со овие нови трошоци, за некакви непредвидени работи за ентериерно уредување и адаптација на Кула 2, Никола Груевски ќе потроши вкупно 17 милиони евра, пари на граѓаните за фасадата на Владата.Над 500 илјади граѓани во Македонија живеат на работ на сиромаштијата. 180 илјади граѓани живеат со помалку од 40 денари на ден. Над 10 илјади фирми се затворени – се наведува во соопштението од партијата.
Според нив, додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, Груевски троши 17 милиони евра народни пари за гипс и стиропор.
– Нема поголема потврда за расипничкото трошење пари на граѓаните, или како што ќе рече самиот Ставрески „ние сме лудаци“, „немаме за леб а трошиме за чоколадо“.Токму ваквите расипнички политики на Груевски и Ставрески ја доведоа државата да мора постојано да се задолжува за да исплаќа плати, пензии, социјални трансфери. Само со еден поглед граѓаните можат да го видат вистинското лице на премиерот во заминување. Додека граѓаните осиромашуваат Никола Груевски се луксузира, со мерцедеси од 600 илјади евра, очила од 60 илјади долари, барокна ограда од речиси 700 илјади евра….Токму оградувањето на Никола Груевски од граѓаните го покажаа неговиот најголем страв. Груевски се плаши од сопствените граѓани коишто не сакаат нечесни политичари.
Груевски се плаши од одговорност за криминалот и корупцијата, за сите злоупотреби во изминатите 10 години. Но, бегање од одговорноста нема да има. Граѓаните знаат: збогум Никола! – се наведува во соопштението од СДСМ.