Ситуацијата станува алармантна бидејќи многу училишта и училници низ македонските села и градови останаа празни со почетокот на учебната година, а власта се обидува да го сокрие овој факт, обвини пратеникот Љубиша Николиќ од СДСМ.
-Од 2007-ма до 2013-та година, седум години од владеењето на Никола Груевски, бројот на ученици е намалена за 27 илјади! Ова е официјална бројка од Државниот завод за стастистика. Тоа е ја причината, зошто во Штип се преполовени паралелките, во Охрид е намален бројот на првачиња за 25 проценти, а во Струга за цели 50 отсто. Тоа е причината за намалувањето на учениците во Велес, Кичево, Другово…., истакна Николиќ.
Тој истакна дека, според информациите на СДСМ од терен, власта наместо да превземе сериозни мерки, го прикрива проблемот со прераспределба на помалку ученици во ист број паралелки.
-Јасно е зошто во голем број од градовите и селата го нема веселиот детски џагор и возбудата за почетокот на првиот училишен час. Останаа само предметите и повозрасните жители, кои сведочат за некои подобри времиња во нивните места, рече Николиќ, истакнувајчи дека фрапантни се и бројките и во средното образование, каде што бројот на средношколци, според него, за истиот период е намален за 5.000.
-Погрешните политики на власта, кои доведоа до сиромаштијата и безперспективноста го земаат најсуровиот данок. Младите се поретко се решаваат да основаат семејство а се повеќе да ја напуштат државата. Дури и цели семејства заминуваат од своето родно место, велат од СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз ја повика власта сериозно да се сфати состојбата. Порачаа дека веднаш треба да се направи стручна анализа за причините и власта да се фокусира на приоритетите за граѓаните.
-Во спротивно, македонскиот аеродром ќе биде главното свратилише, но не на туристите, туку на младите, кои набавиле билет за во еден правец, заклучи Николиќ.