Граѓаните го креваат гласот против еутаназијата на животните!

by Фокус

Утре ќе се одржи мирен собир на љубителите на животни кои се противат на носењето на новиот Закон за заштита и благосостојба на животните. Здружението „Анима Мунди“ ги повикува сите граѓани во 12.30 часот на прошетка од Градски парк (Фонтана) до Собранието заедно со своите миленици да го кренат гласот против законот кој предвидува еутаназија како начин за справување на проблемот со бездомните животни.

„Собирот е насочен кон сите – институциите кои во моментов одлучуваат за судбините на илјадници свесни и чувствителни битија,  и кон јавноста“, велат од Анима Мунди.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи граѓаните со фотографии од своите миленици јасно кажуваат „НЕ“ за еутаназијата.

Од Анима Мунди ги повикуваат сите граѓани кои имаат тронка сочувство за бездомните животни и кои се против вршењето експерименти врз животните, масовно да се приклучат на маршот. Еве зошто здружението ги повикува граѓаните:

1. Дојди зошто сега е мигот да се бориме за законска забрана на користењето еутаназијата како метода за намалување на бројката на бездомни животни, зошто е сурова, примитивна, не постигнува никакво решение! Дојди за да прашаме јавно зошто, иако Агенцијата за храна и ветеринарство првично ја предложи забраната за еутаназија во рамки на Законот, а потоа забраната беше повлечена!Во  борбата против еутаназија добивме поддршка од 23 пратеника на ЕУ кои во целост ги осудија политиките на масовното усмртување на бездомните животни во нашата држава, не поддржаа во напорите за законска забрана на еутаназија – ја бараме сега поддршката на пратениците на Македонија, бараме преку законска забрана да го спречат убивањето на човековиот најдобар пријател. Доста беше насилство!

2. Дојди за да речеме „НЕ“ за дискриминација на кучињата по раси и нивно нарекување „опасни или агресивни кучиња“ , зошто вината што некое куче е опасно или агресивно не зависи од расата, туку од тоа дали ги чува одговорен, или неодговорен , агресивен човек! Бараме најстроги казни за сопствениците кои поттикнуваат агресија кај кучињата, а никако убивање на кучињата кои еднаш ќе нападнат (предложено во новиот закон), или кучиња затекнати во борби – со нивното убивање се амнестира одговорноста на сопственикот, а се елиминира кучето, кое и самото е жртва!

3. Дојди за да не дозволиме да се воведе можноста да се вршат експерименти врз кучиња, мачки, диви животни и други животни , да не се даде можност на овие битија ДА се врши сакатење, вбризгување отрови, импутирање електроди и спроведување методи кои се варварски, екстремно болни и сурови.

4. Дојди за да бараме законски забрани за одредени постапки и најстрого казнување на сите оние кои би предизвикале страв, болка, психофизичко страдање на животните, ги осудиме секогаш и секаде, колективно и јавно.

5. Дојди за да привлечеме внимание на суровоста на фармската индустрија, пеколот, страдањата и обезвреднувањето на милиони прекрасни, интелигентни и чувствителни битија (кокошки, гуски, крави, прасиња, овци, зајаци и др) и да влијаеме некому во изборот да поддржи живот без насилство, стане вегетаријанец или веган .

Поврзани новости