Исплашени од извесниот пораз на претстојните локални избори во Градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ не престанува да измислува и конструира непостоечки скандали за градоначалникот Петре Шилегов, реагираа од СДСМ, откако портпаролот на опозициската партија Наум Стоилковски најави дека во следните денови ќе одржи серија на прес-конференции за Шилегов под називот „Профитер“, кои ќе се однесуваат за местење на тендери.
„Од белата палата, можат да објавуваат нецелосни документи, неосновано да обвинуваат за наводна корупција и злоупотреби, но ништо нема да ги спаси од пораз на изборите, седми по ред. Со ваквите настапи, ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека нема никаква идеја, никаков предлог за подобрување на животот на скопјани, за модернизација на главниот град. Од друга страна, граѓаните гледаат дека понудата на ВМРО-ДПМНЕ за овие избори е понуда на кадри на Груевски и лица осомничени и осудени за сторени кривични дела“, стои во реакцијата на СДСМ.