-Во овие 28 месеци од кога Никола Бакрачески е градоначалник на Охрид, не успеа да реализира ниту еден значаен проект во Охрид. И по 2 и пол години не се реализирани таканаречените приоритетни капитални инвестиции, што им беа ветени на граѓаните, рече портпаролот на ОО СДСМ Охрид, Александар Кузески на денешната пресконференција.
Тој додаде дека ова било доказ за неспособноста и неподготвеноста на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид којашто не можела да ги исполни барањата и не можела да одговори на потребите на охриѓани.
-За ветените луксузни хотели на охридското крајбрежје најверојатно ВМРО-ДПМНЕ се уште го чека нивниот близок пријател Субрата Рој кој има сериозни проблеми со индиските судови и затвори. Дури ниту помали проекти локалната власт не може да реализира. Една фонтана кај некогашниот минимаркет се гради повеќе од 8 месеци и никако да се заврши. На граѓаните уште минатата година им беше ветено дека фонтаната на плоштадот свечено ќе биде пуштена во употреба за Водици, а оттогаш поминаа 7 месеци. Единствено, градските власти заборавија да им кажат на граѓаните за кои Водици планираат да ја завршат фонтата – годинава или догодина, рече Кузески.