Раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги блокира демократските процеси и во јавноста шири насилна реторика, само да обезбеди ден повеќе за нови криминали и да обезбеди што поголемо богатство за себе и за своите соработници, реагираат денеска од СДСМ по вчерашните случувања и по изјавата на Никола Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе спречеле реализација на албанската платформа.
-Тендерот од 60 милиони евра за фирма блиска до братучедот на Груевски, Сашо Мијалков, бензинските пумпи и нафтени платформи за Мијалков, што се реализираат во услови на трансфер на власта, измените на урбанистички планови во последен момент се најдобриот доказ дека криминални интереси и страв од одговорност стојат зад блокадите на демократските процеси. Неопходен е разум. На тоа повика и меѓународната заедница којашто јасно ја посочува одговорноста кај досегашната власт за дестабилизацијата што и ја прават на државата. Нема да дозволиме државата и граѓаните да бидат понатаму заложници на криминалци. Демократските процеси брзо ќе се откочат, се вели во соопштението.
Од СДСМ додаваат дека согласно очекувањата на домашаната и меѓународната јавност, согласно волјата на мнозинството граѓани, според Уставот, Деловникот на Собранието и законите, ќе се избере нов претседател на Собранието, а потоа и нова реформска Влада.