Власта на Груевски се обиде да ја сокрие вистината дека им се случува протест на револтирани граѓани. Затоа лажеа дека зад протестот наводно стоела опозицијата, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски за вчерашните немири во Ѓорче Петров.
Според него Никола Груевски и Гордана Јанкулоска треба да дадат неколку одговори:
– Зошто нивните институции молчеле и не реагирале со месеци на жалбите од граѓаните на Ѓорче Петров дека имаат проблеми со кражби? Дали граѓаните во недостиг на правда и правна држава се дојдени до степен да мораат самите да се бранат? Дали 18 годишниот Ангел Петковски е жртва на нефункционалниот партизиран систем на власта на Груевски? И која жртва по ред е младиот Ангел?
Спасовски смета дека вчерашната вечер во Ѓорче Петров, со сите обиди да биде сокриена, покажа дека трулиот систем на Никола Груевски нема капацитет да одговори на проблемите во државата.
– Таа власт ги затвора очите пред проблемите, калкулира со нив, ги става под тепих и ги вади кога има политичка потреба од тоа, како што тоа го направи вчера – додаде генсекот на опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ се јави со реакција во која стои дека пресот на СДСМ и по содржина и по однесување, дава јасна порака дека партијата не само што ги злоупотребува овие настани, туку заедно со своите медиуми, се обидуваат да исценираат и инспирираат насилство.
„Во минатите денови СДСМ, заедно со своите медиуми, упорно работеа на подигнување на тензиите кај Македонците. Од денес гледаме втора фаза, во која што медиумите на СДСМ продолжуваат да подигнуваат тензии кај припадниците на албанската заедница. Сакаат да креираат конфликти“, стои во реакцијата.
Реагираше и МВР од каде велат дека Социјал-демократскиот сојуз на денешната прес конференција, повторно го покажа своето вистинско лице и удри жестоко по државните институции, ставајќи се во поддршка на поединци и групи кои доаѓаа да каменуваат, палат и уништуваат.