Новинарите поднесоа преставка за вчерашното полициско однесување

by Фокус 16:40
16:40

Новинарите на „Фокус“, „Нова ТВ“ и „Радио слободна Европа“ , Мери Јордановска, Сашка Цветковска и Марија Митевска поднесоа преставка до Секторот за внатрешна контрола на МВР за некоректен однос на полицијата и бришање снимани материјали од вчерашните инциденти во Ѓорче Петров, по повод убиството на 19-годишниот Анѓел Петковски. Од Секторот за внатрешна контрола ветиле дека ќе ги најдат сторителите и доколку се докаже дека тврдењата се точни, ќе се преземат санкции.

За случајот се заинтересираа и голем број на меѓународни организации за слобода на медиумите, а Самостојниот синдикат на новинари и други невладини организации од земјава апелираа да не им се оневозможува на новинарите непречено да си ја вршат својата работа.

- Advertising -

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ денес изрази длабока загриженост во врска со принудните дејствија од страна полициските службеници насочени кон новинари кои покриваа демонстрации во Скопје.

“Новинарите мора да бидат во можност да покријат демонстрации слободно и без страв од малтретирање. Секое прекршување на правата на новинарите е јасно кршење на правото на слобода на медиумите и не може да се толерира. Ги повикувам властите брзо да го испитаат овој инцидент и да преземат чекори за да се осигура дека службите за спроведување на законот ги почитуваат правата на преставниците на медиумите “, порача Мијатовиќ преку соопштение до јавноста.

Како што веќе беше пренесено, вчера околу 20.30 часот за време на приведувањето на еден од учесниците на протестите, група полициски преставници им се „нафрлија“ на новинарските екипи. Тие беа тегнати, влечени и навредувани со најпогрдни зборови. „Фокус“ и „Радио слободна Европа“ беа принудени против своја волја да ги избришат сниманите материјали, а на новинарката од „Нова ТВ“и беше грабната камерата од раце и полицаецот сам и ги бришаше снимките.

Поврзани новости