Во обид да приграби се што може на крајот од мандатот, владејачкото мнозинство експресно изгласа можност за легализација на дивоградби што се изградени во крајбрежни заштитени подрачја, покрај природни и вештачки езера, речни корита, реагира опозицискиот СДСМ.
– За полесна легализација, со спорните измени е предвидено да се прескокнат локалните самоуправи и Министеството за животна средина. Ова ќе предизвика големи штети врз природните богатства, но ќе се создаде и урбанистички хаос од којшто за интересите на поединци ќе страдаат голем број граѓани. Објектите ќе бидат легализирани и ќе бидат запишани во имотните листови со право на сопственост, но нема да бидат вклопени во планската документација и за нив нема да биде формирана градежна парцела – изјави Благој Бочварски, претседател на Комисија за транспорт и врски и член на Извршниот одбор на СДСМ.