На повеќе од една година до истекот на мандатот, еден од петте носечки столбови на програмата на СДСМ од 2016 година – „Парите кај граѓаните“, е целосно исполнет, соопштија од партијата.
„Радиодифузната такса е укината, воведена е дневна евтина тарифа на струјата, казните се намалени, воведени се фер даноци и зголемени се субвенциите, а со повратот на 15 отсто од ДДВ, секое семејство добива приход плус на крајот од годината. Веќе извесно е дека до крајот на мандатот ќе бидат исполнети целите и од останатите столбови на програмата, како што се минимална плата од 16.000 денари, просечна плата од 30.000 денари, доволно лекови за сите во секое време, дигитални услуги, како и судство и правна држава ослободени од партиски притисоци“, велат од владејачката партија на чело со Зоран Заев.
Од партијата, чии претставници Мухамед Зеќири, Костадин Костадинов и Андреј Жерновски денеска беа на традиционалниот пикник во „Трновски ветар“ во општина Крива Паланка, порачуваат дека продолжуваат непосредните средби на кои, како што велат, се решаваат проблемите и се креираат мерки и политики од интерес на државата и граѓаните.