Со организирањето на контра-протести ВМРО-ДПМНЕ го призна изборниот грабеж и призна дека стои зад иницијативата до Уставниот суд. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, фатени на дело во своите манипулации со охриѓани се повеќе навлегуваат во лаги и бројни лажни ветувања. Искажувајќи невистини и користејќи потценувачки однос, сакаат да сокријат колку нивните манипулации наликуваат на целокупниот амбиент кој десетина години во целата држава го креира Никола Груевски и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од Општинската организација на СДСМ од Охрид.
– По бројните реакции на граѓаните за случувањата во врска со мобилизација на нивното членство за учество на контра-протестите и заканите за присуство испратени по СМС пораки, прашуваме зошто отсуствуваа од работа поголем дел од новопримените во општинската администрација на 16.03.2016 година? Зашто на истиот овој ден низ општинската администрација не помина списокот со вработени на којшто вработените во Општина Охрид секојдневно се потпишуваа? Каде беа раководителите на секторите, функционерите и директорите на јавните претпријатија, училиштата, детската градинка, здравствените институции во градов? Свесна за целосно изгубената поддршка кај граѓаните, во страв од соочување со одговроноста за изборниот криминал ВМРО-ДПМНЕ во Охрид повторно ја злоупотреби локалната власт и државните институции за партиски цели. За овие злоупотреби мора да следуваат соодветни законски постапки. Секој што го прекршил законот мора да одговара – велат од партијата.