Опозицискиот СДСМ и денеска излезе со соопштение во кое ги повикува провладините медиуми Курир”, „Република” и „Радио слободна Македонија” да објаснат како три години оствариле приходи од 3 милиони евра. Според нив, креирајќи лажна реалност, главните уредници на овие медиуми, братучедите Груевски и Мијалков им украле 10 години живот на граѓаните на Македонија, додека тие лично се богателе.
– Три милиони евра врти фабриката за лаги на Никола Груевски! Тоа се околу 10.000 просечни плати од околу 300 евра. „Курир“, „Република“ и „Радио слободна Македонија” повеќе од еден месец молчат за милионските приходи ама затоа секојдневно објавуваат нарачани текстови во одбрана на криминалот на фамилијата на власт. Пред повеќе од еден месец објави за приходите од 1.3 милиони евра на „Курир“, за приходите од 1.1 милион евра на „Република“, приходите од 617.000 илјади евра на „Радио слободна Македонија – се наведува во соопштението од СДСМ.
Од таму додаваат дека фирмата ЕМ МЕДИА ДОО Скопје е директно поврзана со овие медиуми и со братучедот на Груевски, Сашо Мијалков, преку фирмата НВСП чиј сопственик е Владислав Стајковиќ.
– Оваа фирма покрај сопственик на „Курир” и „Радиото Слободна Македонија” е сопственик и на „К Три телевизија ДООЕЛ Куманово”. НВСП на Стајковиќ е основач на агенцијата за обезбедување СГС, зад којашто лично стои братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков. Во Вистината за Македонија се покажа поврзаноста на фирмата на Стајковиќ, НСВП, со провизијата од 540 илјади евра што Мијалков ја бара за набавување опрема за прислушување од Израел. Затоа овие медиуми на братучедите Груевски и Мијалков 10 години ги трујат граѓаните со нарачани информации и ги штитат криминалите и провизиите на Груевски и Мијалков. Никола Груевски не сака слободни медиуми. Медиумскиот мрак во Македонија фамилијата сака го користи за спас на сопствената кожа. Затоа владее тишина за милионите на сметките на медиумските курири – се наведува понатаму во соопштението.