СДСМ со конкретни предлог мерки за помош на поплавените

by fokus

Пратеничката група на СДСМ и опозицијата денеска поднесе барање за свикување на итна и недоложна седница на Собранието. Петре Шилегов рече дека сега не е време за политика, туку треба да им се помогне на граѓаните.

-Предлагаме и конкретни заклучоци со мерки коишто треба веднаш да бидат преземени за да им се помогне на граѓаните. Собранието мора да расправа за оваа состојба и што е уште поважно пратениците мора да ги донесат предложените заклучоци за да се исполнат условите за задоволовување на минималните потреби на граѓаните кои се погодени од временските непогоди. Ова барање го поднесуваме поради нужноста да им се помогне на граѓаните на кои во овој момент тоа им е најпотребно. Собранието на Република Македонија, ние, како луѓе пред се, имаме уставна и човечка должност да им помогне на овие граѓани, рече Шилегов.

Предлог мерките на СДСМ се:

Владата на Република Македонија и другите надлежни институции веднаш да превземат превентивни мерки за справување со опасностите од можните природни непогоди во идниот период.

Владата на Република Македонија веднаш да донесе одлука со која ќе се одложи реализацијата на сите планирани непродуктивни трошења на буџетот, како и стопирање на изградбата на објекти и други градежни активности долж течението на реката Вардар, а кои можат да предизвикаат несакани промени во водостојот и текот на водите.

Министерството за финансии да подготови, а Собранието веднаш да донесе Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници со кои средствата предвидени за изградба на репрезентативни објекти, купување на возила кои не се поврзани со основната дејност на буџетскиот корисник, купување на мебел и друга опрема, како и средствата предвидени за репрезентативни активности ќе бидат целосно или делумно пренаменети за обештетување на семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, како и за санирање на материјалните штети настанати од елементарната непогода.

Владата да донесе одлука според која на секое домаќинство кое е погодено од временските непогоди, веднаш и без одлагање ќе му бидат исплатени финансиски средства во висина од 3.000 евра, во денарска противредност. Средствата ќе бидат наменети за подмирување на нужните и неопходни потреби на домаќинството и нема да влијаат на подоцнежната исплата врз основа на проценката на претрпената штета.

Со цел да се превенира и спречи појава и ширење на заразни болести кои би го загрозиле здравјето на граѓаните од погодените подрачја, но и на граѓаните кои се дел од тимовите за помош, веднаш да се евакуира населението и да се смести во соодветни сместувачки капацитети, со цел да се изврши дезинфекција, дезинсенкција и дератизација на погоденото подрачје и објектите.

Да бидат ангажирани стручни институции и лица кои ќе направат проценка на физичката безбедност на теренот, од аспект на стабилност на објектите кои беа погодени од непогодата и нивната сигурност за понатамошен претстој и живеење.

Врз основа на член 14 став 3, од Законот за управување со кризи, Претседателот на Владата на Република Македонија, а по претходна консултација со Собранието на Република Македонија да донесе одлука за учество на респектабилни експерти во работатата на Управувачкиот комитет.

Имајќи ја предвид исклучително сложената состојба во која се наоѓаат подрачјата опфатени со елементарната непогода, како и постоењето на опасност од понатамошно загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните, со Управувачкиот комитет ќе управува лице од редот на експертите.

Комисијата за финансирање и буџет да врши контрола над сите финансиски и нефинансиски средства кои досега се донирани и ќе бидат донирани, со цел да спречи нивна злоупотреба за политичко-маркетиншки цели.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со другите засегнати работни тела, во најкус можен рок да организира и реализира надзорна расправа со цел да се утврди одговорноста на институциите и поединците во организирањето и имплементирањето на системот на заштита и спасување и системот за управување со кризи.

Поврзани новости