СДСМ смета дека попуштањето на Владата за хонорарите и за останатите проекти што досега ги туркаше говори дека концептот на политиките на Груевски е порзен
„Секој ден самата власт се враќа по чекор назад за сопствените потези што грчевито ги туркаше, газејќи и Устав и закон и став на општествената јавност.
Денеска власта прави уште еден чекор назад за само неколку дена.
Истата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ којашто гласаше за измените на законот со којшто се воведуваат вртоглави придонеси за хонорарците, денеска ја спушта топката со повлекување на овие решенија.
Пред само неколку дена Груевски ги замрзнаа казните за наставниците во т.н. проект екстерно тестирање.
Потоа лично Груевски најави и одложување на државниот испит и на измените на Законот за високо образование, што на сила ги истурка во Парламентот. Друго прашање е со кое право Никола Груевски кој не е законодавна власт, сам одлучи за одложување на примена на закон, иако Собранието е тоа коешто носи закони.
Денешното ново признание за направените грешки говори две работи, дека Груевски е во паника и дека концептот на контрола и на политики на Груевски и на неговите неколкумина соработници се распаѓа“, изјави денеска портпаролот Петар Шилегов.