Уапсени уште двајца во акцијата „Пуч“, едниот работел во МВР, другиот добил отказ во 2013 година

by Фокус 18:43
18:43

Министерството за внатрешни работи информираше дека денеска се уапсени уште двајца осомничени во акцијата „Пуч“, а во која кривично се гони и лидерот на СДСМ, Зоран Заев и поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски.

„Идентификувани и приведени се уште две лица кои соработувале со веќе пријавените кои се товарат дека со употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање, како и упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги. Станува збор за две лица од Скопје, едното се уште е вработено во Министерството за внатрешни работи додека вториот работел во Министерството, но во 2013 година му е раскинат договорот. Инаку и двајцата се вработени во Министерството во раните деведесетти години, објаснуваат од МВР.

- Advertising -

Од МВР истакнуваат дека според досегашните сознанија, двајцата осомничени биле ангажирани и работеле во корист на странска служба, а наводно биле богато наградени.

„Од првично направените проверки, имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно анализите кои досега се направени покажуваат дека станува збор за стотици илјади евра во готовина, но и во акции кои завршиле кај нив“, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека против двајцата 51-годишниот Ѓ.Л. од Скопје и 48-годишниот З.К., од Велес, се поднесени кривични за „Шпионажа“ од чл.316 ст.4 од КЗ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.24 од КЗ на РМ.

„Во врска со претходно поднесени кривични пријави против четворицата осомничени, од страна на надлежниот Јавен Обвинител, до МВР беше издадена Наредба за анализа на податоци од прибавени докази во електронска форма. Надлежните организациони единици при МВР, постапија и утврдија дека постојат основи на сомневања за сторени кривични дела „Шпионажа“ од чл.316 ст.4 од КЗ на РМ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.24 од КЗ на РМ, извршени од страна и на други лица, при што беше утврден идентитетот на двајцата осомничени, за што веднаш беше известен Јавниот Обвинител и беа превземени дополнителни мерки за претрес на дом и други простории заради обезбедување на материјални докази“, велат од МВР.

Од министерството посочуваат и дека биле извршени претреси во повеќе простории, при што биле одземени пет лап-топ компјутери, три куќишта од компјутери, еден персонален компјутер, 18 мобилни телефони, околу 1.000 CD и DVD, 110 видео и аудио касети, 30 мини VHS касети,  19 негативи од филмски ленти, 18 филмови за фотоапарат, 14 флопи дискови, 17 хард дискови, 19 usb, електронска рамка со USB меморија, еден нотес. Одземени биле и девет штедни книшки, а била пронајдена и евиденција за околу 600 акции на име на седум правни субјекти сопственост на едно од пријавените лица.

 

 

 

Поврзани новости