Наместо најавените 80 милиони евра, за проектот „Скопје 2014“, се потрошиле неверојатни 580 милиони евра, обвини Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, на денешната прес-конференција.
-Шилото на Никола Груевски, бодеше, бодеше и го проби бунарот без дно. Да, во бунарот без дно ни потопиле неверојатни половина милијарда евра повеќе! 80-те милиони евра на Груевски, станале над 580 милиони евра, досега!, истакна Шилегов.
Тој истакна дека пресметките се направени од официјално достапни документи.
-Сумите што ги влечела власта, по објект, достигнувале над 40.000.000 евра. Цените на објектите се до вртоглави 35.000.000 евра повисоки од ветените. За паркинг место сме плаќале до 50.000 евра и тоа во гаражи што прокиснаа. Квадрат, во стиропорните и гипсани барокни објекти `не чинел до неверојатни 5.500 евра!- истакна Шилегов.
Тој додаде дека од над 800 договори, само 276 биле спроведени со отворена постапка.
-Владата на Никола Груевски, во „Скопје 2014“, досега, потрошила околу 211.000.000 евра само за договори без отворена постапка! „Скопје 2014“ продолжува да цица и во 2015 и преку Град Скопје ќе однесе нови над 46.000.000 евра!-рече Шилегов.
Тој додаде дека да не бил овој грабеж, сите наставници во државата ќе добиеле покачување од 5.000 денари, ќе бил откупен целиот тутун, а и Владата немала да земе кредит од 50.000.000 евра за возови.
-И сето ова да се направеше, немаше да однесе ни петина од проектот во камен и бронза. Или, Владата немаше да не задолжи кај кинезите 580.000.000 евра за патишта. Досега ќе имавме европски патишта, како Хрватска, како Албанија. Или, со 580.000.000 евра ќе се изградеа 15.000 станови. По 4 луѓе од фамилија, тоа се 60.000 луѓе со кров над глава. Колку еден цел град – колку Штип. Но тогаш немаше да има Скопје 2014, бунар без дно, грабеж, заклучи портпаролот на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека многу од објектите што Шилегов ги споменува не биле дел од проектот „Скопје 2014“, како на пример гаражите.
„Тој манипулира така што се што е изградено во Скопје го става во Проектот „Скопје 2014“. Дополнително, многу од сумите со кои лиферува се неточни. Ова покажува дека Петре Шилегов е класичен манипулант. Впрочем јавноста веќе е добро запознаена за цената на чинење, бидејќи Владата точно објави дека се искористени 208 милиони евра за се заедно, одејќи проект по проект“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што додаваат дека кога СДСМ била на власт потрошиле десетина буџети од парите на граѓаните, а не направиле ниту патишта, ниту училишта, ниту болници, ниту објекти во кои би се сместиле државните институции кои со години плаќале астрономски кирии.