Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не е адресата до која е упатена идејата на Зоран Заев за заедничко владеење со опозицијата во широка политичка Влада, велат од СДСМ. Од партијата на Заев велат дека неговиот предлог е до чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ кои можат да ја препознаат „големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество и за отстранување на сите аномалии кои како тег го успоруваат развојот и подобрата иднина на земјата“.
-СДСМ е прв во промените. Идејата за заедничка дејствување за напредокот на државата е визионерство и шанса за демократизација и промени во самите политичките партии, а најмногу во ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Заев, на почетокот на новиот четиригодишен мандат како премиер, само неколку дена после изгласана доверба во парламентот, подава рака за дебата за национално помирување. Тоа е знак на самодоверба и самоувереност, лидерство и доказ за висока политичка свест за проблемите на граѓаните и политичка широкоградост која е одлика само на политичари за кои државата е пред тесно-партиските интереси, оценуваат од СДСМ откако партискиот лидер го презентираше предлогот.
Од СДСМ велат дека Заев отвора јавна дебата и се обраќа до чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, „кои ги врзува желбата за просперитет на нашата земја, кои се за напредок а не за криминално стекнатиот имот на режимот и враќање назад.“
-Тој им се обраќа на сите оние кои ја препознаваат големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество и отстранување на сите аномалии кои како тег го успоруваат развојот и подобрата иднина на земјата. Мицкоски безброј пати покажа дека не е еден од нив. Затоа, Мицкоски не е адресата до кого е упатена идејата за национално помирување.Губитникот Мицкоски нема капацитет и кредибилитет да учествува во идејата за национално помирување меѓу најодговорните партии. Тој едноставно не поседува политички капацитет вистински да ја разбере, велат од СДСМ.
Заев изјави денеска дека отвора дебата за широка политичка влада, во која би учествувала и ВМРО-ДПМНЕ, ама како што посочи „со Мицкоски не може да се разговара“.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека се спремни да преговараат за експертска влада, со натпартиски премиер и со мандат да организира предвремени парламентарни избори, заедно со локалните.