Херитиџ: Неефикасното судство и надуениот јавен сектор ги ограничуваат економските слободи во Македонија

by Fokus 18:57
18:57

Северна Македонија е рангирана на 46. место според Индексот на економски слободи за 2021 година на Херитиџ фондацијата, објавен во четвртокот, на кој и натаму е во групата умерено слободни економии. Вкупниот резултат на Индексот за економска слобода на Северна Македонија годинава е 68,6 и е намален за 0,9 поени во однос на претходниот извештај, пред се поради падот на трговските слободи. Сепак, главните забелешки се однесуваат на неефикасното судство кај нас, гломазниот јавен сектор, корупцијата, големите и неефикасни субвенции и тн.

Нашата земја е рангирана на 27-то место меѓу 45 земји во регионот на Европа, а нејзиниот вкупен резултат е под регионалниот просек, но над светскиот просек, се вели во делот на извештаот посветен за Македонија.

- Advertisements -

И покрај влошената оцена, во споредба со земјите од опкружувањето Македонија е најдобро рангирана, дури и пред Словенија, која е на 48 место, Србија на 54, Косово на 58, Хрватска на 79 место, како и Црна Гора која е на 80 и БиХ на 82 место. Од другите наши соседи, Бугарија е на 35 место, Албанија е на 66, а Грција е на 96 место.

Инаку, според Индексот на Фондациата Херитиџ, годинава најслободна економија во светот е Сингапур, а покрај неа во групата „економски слободни земји“ со индекс поголем од 80 се и Нов Зеланд, Австралија, Швајцарија и Ирска.

Економските слободи се подобрени во 89 од 178 оценети земји, влошени се во 80 држави, а кај девет земји состојбата со економските слободи била без промена, се вели во извештајот.

-За да се сврти курсот кон поголема економска слобода, првиот приоритет на Владата треба да биде реформа на судството, на скапиот и надуен јавен сектор и другите државни институции. Постигнувањето на другата цел, промовирањето на странски директни инвестиции во извозно ориентираните индустрии, ќе биде поттикнато со посилно спроведување на антикорупциските статути, наведува Фондацијата Херитиџ во делот посветен на Македонија.

Најлоши се оцените во делот на владење на правото, пред се за судската ефикасност 40,4 поени и интегритетот на владата каде што оцената е 41,9, но уште позагрижувачки е трендот на влошување во овие два сегменти. Во овој дел единствената светла точка се сопственичките права каде оцената е 62,6 и има тренд на побрување.

-Законите ги признаваат и штитат сопственичките права, но нивното спроведување е неконзистентно. Извршувањето на договорите е нерамномерно. Постапките за регистрација на имот се подобрени и речиси сите записи за недвижнини се дигитализирани. Уставот воспостави независно судство, но тоа страда од непотребна контрола на извршната власт, се вели во извештајот при што се додава дека трговските спорови траат долго, а нивното решавање е скапо. Корупцијата останува сериозен проблем, се констатира во извештајот.

 

Поврзани новости