Македонија бележи најголеми стапки на раст во Европа, но само во халуцинациите на Груевски. Вистината е дека просечната стапка на раст е помала од 2 процента. Потврдено од Државниот завод за статистика, изјави денеска гласноговорникот на СДСМ, Петре Шилегов.
– Набрзо Груевски, на еден друг начин и не од оваа зграда позади, ќе мора да даде отчет за сите над 3 000 дена во коишто е премиер на РМ. Тоа ќе биде вистинскиот отчет во којшто Груевски ќе мора да проговори како секојдневно ја разоруваше македонската економија и држава, како го осоромашуваше народот, а ја богатеше својата роднинско – партиска криминална олигархија. Сите негови фалби искажани вчера се веродостојни исто колку и веста за посетата на вонземјаните во Македонија. Иако ова второто е поверојатно – додаде Шилегов.
Според него, со ваква стапка на раст, невработеноста единствено може да се намалува ако луѓето се иселуваат, се бришат како бројки, се убиваат или самоубиваат.
– Најголем апсурд во тврдењата на Груевски се странските директни инвестиции, како онаа на Субрата Рој, што може да ги види и како бенефит да ги почувствува само Груевски и неговата олигархија. Набргу како и многу други работи, на виделина ќе излезат сите договори со странските инвеститори, кои денес се најчувана тајна. Тогаш ќе се покаже дека со парите на граѓаните, Македонија всушност инвестира во странските инвеститори, а не дека тие инвестираат во Македонија – потенцираше портаролот на социјалдемократите.
Премиерот Никола Груевски вчера даде очет за тоа што сработила Владата во првите 100 дена од четвртиот мандат. Тој нагласи дека досега од програмата биле реализирани 116 проекти, а други 554 се во тек. Тој најмногу се осврна на странските инвестиции во земјата, кои пораснале за 12 проценти во однос на минатата година, а потенцираше и дека Македонија имала најголем економски раст во Европа во првите шест месеци и дека е ниско задолжена земја.
Груевски истакна и дека континуирано се намалува невработеноста, која е на историско најниско ниво. За прв пат, порача тој се градат и три автопати истовремено. Тој нагласи и дека владата донела одлука за зголемување на платите, пензиите, социјалната помош. Груевски порача дека стратешки приоритет остануваат евроатланските итеграции и покрај спорот со името со Грција, односно спроведувањето на реформите.