СДСМ: Откако земаа дипломи сите нивни функционери, сега ќе ги казнуваат студентите

by Фокус

Премиерот Груевски, јасно и гласно, ја призна катастрофата во образовните политики на власта. Откако отворија разни универзитети, измислени факултети, дисперзирани студии каде стигнаа, за да земат дипломи сите што требаше да седнат во функционерските фотељи, сега за нив, истите тие образовни установи, замислете, не се доволно добри. Со вакви обвинувања денеска на сметка на владејачката партија, излезе Петар Атанасов од опозицискиот СДСМ.

– Кога ние предупредувавме за потезите со кои опаѓаше квалитетот на образованието, преку инфлација на факултети стимулирана од власта, тогаш Груевски обвинуваше дека СДСМ е против образование. Исто така, предупредувавме и за популизмот и за пропагандата и за притисоците од страна на власта. Сега, премиерот лично, призна: “Имаме факултети, па и цели универзитети каде проодноста на студентите е без знаење или без доволно знаење, каде што се ставаат деветки и десетки на секој, независно кој колку научил“ – истакна Атанасов.

Според него, партијата на власт затоа го вовеле екстерното тестирање, за да се извлечат од погрешниот потег.

– Одат од грешка во нова грешка.Сега, на младите луѓе власта ќе им ја крои иднината, дали треба или не треба да студираат. На начин со кој го кршат уставното право на образование што го има секој млад човек. Власта и Груевски, ред е да признаат дека со дисперзираните студии, со масовното студирање, со лошите учебници и со лошите закони, предизвикаа поразителни последици во образованието.Ред е да признаат кога се искрени: кога министерот Адеми дава овластување на Одборот за акредитација и евалуација да започне конкурсот за надворешни евалуатори за екстерното тестирање на студентите или кога Груевски вели дека допрва ќе следува дебата за овој проект – тврди Атанасов.

Од опозициската партија бараат да престанат експериментите врз младите луѓе.

– За неколку факултети, што според власта не ги задоволуваат академските стандарди, недозвиливо е да се жртвува иднината на илјадници студенти. Бараме да престане експериментот со кој ќе се казнуваат студентите. Што се однесува до повикувањата на Данска, Велика Британија и Австралија, ја повикуваме власта на Груевски, за почеток да почне со копирање на проектите во слободата на јавниот збор, независноста на судството, демократските процедури при владеењето и пред се одговорноста – истакна Атанасов.

Поврзани новости