Опозициската СДСМ денеска обвини дека во болницата во Прилеп граѓаните не можат да направат крвна слика, бидејќи болницата нема реагенси. Од партијата велат дека и во болницата во Штип ги нема потребните тумор маркери.
-Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Емил Димитриев според последните најави ќе седат во Владата на мебел во рококо стил од времето на Луј XV, со перници со специјална мемори пена и пердуви, со маси во боја на кралско вино, на рачно изработени теписи платени со пари од граѓаните. Ова се случува додека граѓаните во Прилеп не можат да проверат крвна слика бидејки во прилепската болница нема реагенси. Во болницата во Штип нема тумор маркери за гради, матка и дебело црево. Намален е буџетот на Онкологија лани за цели 1.6 милиони евра. Цела година пациентите беа оставени без потребните цитостатици, стои во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ велат и дека од 26 антиепилептични лекови што се користат во светот, во Македонија има само 11, а 20.000 лица мака мачат да се снајдат со соодветни лекарства чија терапија во просек чини по 2.000 денари.