СДСМ обвини дека власта потрошила 2.000.000 евра за пропаганда пред изборите

by Фокус

Над 129 милиони денари или 2 милиони евра народни пари Владата на Груевски ги употребила за пропаганда во свој интерес, пред изборите. Владата исплатила над 55 милиони денари или околу еден милион евра на „Сител“, „Алфа“ и на „Канал 5“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Парите Владата ги префрлила на телевизиите на 17-ти и 18-ти март, само 10 дена по распишувањето на парламентарните избори, и тоа околу 600 илјади евра на „Сител“ телевизија, околу 230 илјади евра на „Алфа“ и над 5 милиони денари или околу 90 илјади евра на „Канал 5“. Денеска објавуваме уште еден доказ зошто претседателските и парламентарните избори беа нерегуларни и како владата ги корумпира медиумите. Владата на Никола Груевски со пари на граѓаните ја контролира уредувачката политика на медиумите. Еве зошто телевизиите „Сител“, „Алфа“ и „Канал 5“ оркестрирано ја напаѓаат опозицијата, и исто толку едногласно одработуваат за власта. Дополнително, во истиот период, пред изборите, уште над 1 милион евра Владата исплатила на маркетинг агенции и други правни субјекти, соработници на власта – објави Шилегов и додаде дека ова е уште еден доказ дека е потребна регулација на медиумите и итно одвојување на партијата од државата, за што зборува не само СДСМ, туку и Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.

Поврзани новости