Баланс: Животот на неколку пациенти е во опасност, тие си прават бизнис зделки

by Fokus

Не стивнуваат апелите на дијабетичарите до министерот за здравство Никола Тодоров, да прекине да си игра со нивното здравје и бизнис зделките да не ги става пред животот на пациентите. Со вакви обвинувања денеска излегоа од Асоцијацијата за дијабет „Баланс“, кои не можат да го сфатат игнорантскиот однос на првиот човек во здравството, тоа што манипулира со нив и постојано повторува дека инсулинот е квалитетен и соодветен.

– Ние не викаме дека инсулинот не е квалитетен, туку дека не е соодветен и дека промената на инсулинската терапија лошо и опасно влијае на организмот. Промената предизвикува дестабилизација. Целата оваа приказна е бизнис зделка. Ние сега добиваме донација на „новонордиск“ од Норвешка, Словенија и Бугарија и ако на државата и е целта да заштеди како што вели, тогаш зошто министерството за здравство не потпишува за донацијата. Се уште чекаме. На тој начин, ем животот на дијабетичарите нема да биде во опасност, ема државата ќе заштеди – тврди Цвете Серафимовски, претседател на Асоцијацијата.

Апел до министерот и до премиерот Груевски упати и професор Јове Кекеновски. Неговиот син веќе девет години е на инсулин од својата 12-та година. Кекеновски тврди дека не може да ја сфати инаетливоста на министерот и неговата суета, притоа не водејќи сметка за здравјето на пациентите.

– Дијабетичарите се доведени во една лоша состојба и внесени во една бизнис зделка, ни криви, ни должни. За промена на инсулинот може да каже матичен ендокринолог, а не некоја суетна одлука на министерот. Дали Тодоров видел како изгледа кога дијабетичар ќе падне во кома? Не можам да го сфатам молкот на ендокринолозите, а се јави да се бламира еден кој, воопшто не работел со болни од дијабет. Преку нивни грб, нарачетелот ќе ги помирува сметките со добавувачите. Нас не нѐ интересираат становите на добавувачите, туку нѐ интересира здравјето на пациентите – истакна Кекеновски.

За својот проблем со инсулинската терапија раскажа и Ели Секуловска, која во кратки црти објасни со какви здравствени проблеми се соочила, откако ја сменила терапијата. Таа тврди дека не може да дозволи некој да си прави екскурзии со нив и со нивниот живот.

На проблемот, повторно се наврати Серафимовски, кој нагласи дека еден од докторите кој зборуваше на оваа тема на една од провладините телевизии е советник од оваа област на првиот човек во здравството. Според него, тој го советува министерот а досега не работел со ниту еден пациент болен од дијабет. Тој уште еднаш потврди дека животот на неколку пациенти е во опасност, поради бизнис зделки.

Во Македонија има вкупно 183.000 дијабетичари, од кои 43.000 се на инсулинска терапија.

Поврзани новости