Образованието во Македонија е во многу лоша состојба, пред се, поради лошите политики и законски решенија што во континуитет предизвикуваат штетни последици врз целиот образовен процес, а партизацијата на образовните институции и назначувањето на партиски кадри го омаловажува и го урива системот на образование и младите обрзовани луѓе ги брка надвор од Македонија, реагираат од опозицискиот СДСМ.
Тие, вечерва, со почеток во 19:00 часот, во салата на советот на општина Крива Паланка, ќе одржат дебата од проектот Визијата за Македонија на тема „Како да обезбедиме квалитетно образование“.
– СДСМ заедно со граѓаните гради платформа со којашто нуди европско образование во Македонија во интерес на учениците, студентите, наставниците и професорите. Студентот ќе биде активен учесник во промените во високото образование. Скопје со два нови студентски универзитетски центри. Го укинуваме екстерното тестирање и ја враќаме целосната автономијата на Универзитетите.Го враќаме предучилишното едногодишно образование за изедначување на децата од сите социјални средини и го намалуваме бројот на предмети во основното и средното образование – информираат од СДСМ.
На темата ќе се обратат потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, претседателот на Комисијата за образование, Петар Атанасов и членот на Извршниот одбор, Максим Димитриевски.