Сите граѓани во Република Македонија се уверија како работат режимските медиуми, како изгледа гостување во режимска телевизија уредувана од страна на Груевски и неговите платеници, реагира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на интервјуто кое уредникот на Сител, Драган Павловиќ – Латас го водеше со лидерот на опозицијата Зоран Заев.
Според СДСМ, интервјуто покажува колку е далеку денес Македонија од демократските и европски вредности.
-Доминирањето на некултурата, вулгарностите, говорот на омраза кон оние што мислат слободно и различно, говорот на омраза кон припадниците на другите националности, уште еднаш покажува колку е далеку денес Македонија од демократските и европски вредности. Со промена на власта и заминувањето на Никола Груевски во историјата, граѓаните можат да очекуваат слободни медиуми, дебата, различни мислења што нема да бидат задушени, кадешто лагите нема да бидат медиумска алатка и кадешто ќе доминираат вистинските вредности на една демократска, современа и европска земја – се наведува во соопштението од СДСМ.