СДСМ смета дека не треба да има митинзи за време на кампањата и партијата најавува дека собири од таков тип нема да организира.
„Во делот на водење кампања и претставување на кандидатите и програмата, најголем фокус ќе се стави на медиумското претставување, онлајн видео настани и друг тип на дигитална комуникација. СДСМ смета дека единствено може да се разгледа можноста за организирање мали средби под строго утврдени услови, исклучиво според протоколите донесени од здравствените институции за заштита на граѓаните“, велат од СДСМ.
Ваквата најава следува откако претпладне министерот Венко Филипче го претстави протоколот за изборниот процес подготвен од Комисијата за заразни болести. Во него се препорачува строго следење на мерките за заштита, како држење дистанца, носење маска или прекривка на устата и носот и дезинфекција на рацете.
За собирите се препорачува ограничен број, да се држи дистанца и да се користи разглас за да нема концентрација на повеќе луѓе на ист простор.