СДСМ на денешниот конгрес ќе ги објави носителите на листите

by fokus

СДСМ денеска на конгрес ќе одлучува за кандидатите за пратеници и за носителите на листи за парламентарните избори на 8 мај. На собирот ќе биде претставена и партиската програма за евентуално нов мандат пред гласачите.

Владеачката партија претходно на 3 март веќе одржа еден партиски конгрес на кој треба да биде официјализирана кандидатурата за втор мандат за шеф на државата на актуелниот претседател Стево Пендаровски.

Инаку, според досегашните информации, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе биде носител во првата изборна единица, а како коносител ќе ја има претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова.

Први во „двојката“ ќе бидат Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кој се сели од носителската позиција во втората изборна единица.

Најверојатно, носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. За петтата изборна единица се споменуваат Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а „шестката“ е најнеизвесна, таму во игра се повеќе имиња и најмногу се споменуваат Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.

Поврзани новости