На неколку дена пред завршувањето на изборната кампања за локалните избори на интернет се појави снимка за наводно купување на гласови којашто веќе не е достапна. Аудио-снимката беше објавена на Јутјуб и на неа се слуша како лица кои се наводно на советничката листа од „За наше Куманово“ на независниот кандидат за градоначалник, Максим Димитриевски се обидуваат да купат гласови за 500 денари. Поточно на снимката се слушаше дека наводно кандидат за советник се договара со непознато лице да му обезбеди 50 до 100 гласа, но за нив треба да плати по 500 денари за човек и нешто плус за него.
Димитриевски за „Фокус“ вели дека оваа аудио снимка е апсоултна невистина. -Се слуша на снимката дека човекот изнудува пари за гласање и постојат докази дека е одбиен за тој незаконски предлог, пријавено е во МВР и ОЈО и сите докази се доставени таму. Лицето нека објасни кој го навел да дава вакви понуди и кој го прибрал и објавил разговорот незаконски, вели Димитриевски. „За наше Куманово“ поднесе пријава за обид за изнуда на средства од кандидат за време на изборен процес.
-Не сакаме да помислиме дека актуелното Министерство за внатрешни работи, иако имаме индиции, е ставено во функција на еден од кандидатите за градоначалник на Куманово, велат од „За наше Куманово“.
Ова ќе бидат први локални избори во Куманово на коишто СДСМ, партија која од независноста на Македонија се досега има градоначалник од своите редови, ќе настапи со раситнети гласови откако актуелниот градоначалник се кандидираше за независен кандидат, по што беше исклучен од партијата.
Димитриевски четири години беше на чело на општината и за „Фокус“ вели дека работел посветено и домаќински и успеал да ја „извади“ општината од долгови.
-Во 2017г. Општина Куманово имаше главен долг со судски извршни решенија и камати од околу 11,5 милиони евра како четврта најзадолжена општина во државата, само училиштата имаа долг од околу два милиони евра. Во тој момент, Куманово беше една од најзадолжените општини и финансиски блокирана. Со чесно, посветено и домаќинско работење успеавме да го вратиме тој долг и ја деблокиравме финансиски општината после осумгодишна блокада. Денеска сме општина која е целосно деблокирана и општина која нема никакви долгови према никого со средства на сметка од околу 4 милиони евра, предвидени за инвестирање во нова инфраструктура, вели Димитриевски.
Тој е задоволен од сегашниот изглед на Куманово, иако признава дека мора да се зголеми чистотота во него.
-Градиме во план и создаваме поголем простор за пешаци и велосипедисти. Се грижиме за чистотата во градот, но неопходно е зголемување на истата. Расчистивме повеќе од 100 диви депонии на целата територија на Куманово и засадивме повеќе од 15 илјади садници. Во нашата програма предвидени се три нови градски паркови, а во план е да направиме реконструкција на стариот градски парк и негова трансформација во смарт парк со многу различни содржини, пет нови кружни и десет спортски терени, младински технолошки центар и проширување на капацитетите за сместување на старите лица, многу нови улици, водовод и канализација и населби и села без кал, порачува Димитриевски.
Сепак Димитриевски обвинува за притисоци од институциите уште пред да започне кампањата за локалните избори во Куманово, но и за правење на списоци на гласачи за што поопширно може да читате во следниот број на неделникот „Фокус“. Тој е категоричен дека не преговара со други политички партии.
Неговиот довчрашен сопартиец, Оливер Илиевски сега е негов противкандидат од редовите на СДСМ. Во текот на кампањата видлива е поддршката што му ја дава министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој исто така е родум од Куманово. Илиевски инаку е директор на ЈП Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, подружница Куманово.
Гасификацијата на градот, решавањето на сообраќајниот метеж во Куманово и изградбата на функционални катни гаражи, се едни од приоритетите на Илиевски кој предлага подземна сообраќајница со којашто ќе се растерети сообраќајот. Освен ова, за растеретување на сообраќајот тој ветува продолжување на булеварот Октомвриска револуција со автопатот Е – 75 со што ќе се реши тесното сообраќајно грло во центарот на градот.
-Куманово како втор град по големина итно заслужува шеталиште кое ќе придонесе за еден урбан и похуман живот на граѓаните. Шеталиште на кое граѓаните ќе се релаксираат без страв дека таму ќе помине автомобил. Граѓанино и неговото право на слободна пешачка зона мора да би биде приоритет. Исто така предвидени се и изградба на две нови детски градинки за најмалите, доизградба на постоечкиот кеј со нови вело патеки. Новина во функционирањето на градот ќе биде и поставување на мој еколог во секоја населба од градот кој ќе се грижи и ќе ги пријавува постоечките еколошки проблеми во градот за да може да се интервенира и истите да се решат позитивно, ги образложува за „Фокус“ своите планови Илиевски.
Клучен негов проект е Куманово без кал, односно асфалтирање на сите мали улички и сокачиња кои се уште се се кал или калдрма. -Иако е 21 век се уште во градот и тоа во центарот имаме места каде живеат граѓаните, а одат по кал и тоа е недопустливо. Тоа во Куманово повеќе нема да постои.Тоа јасно и гласно го ветуваме и ќе го реализираме.
Секако за реализација на овие проекти сигурни сме дека ќе имаме огромна поддршка од централната власт како најголема општина во државата и дека сите проекти ќе бидат успешно и заеднички реализирани.Тоа е огромна предност се со цел проектите да бидат успешно реализирани, додава тој.
На овие локални избори, пак, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го симне СДСМ од децениската власт во Куманово, со актерот, Тони Михајловски. Тој е родум од Куманово, но среде кампања се зарази со Ковид-19. Сепак Михајловски очекува победа.
-Баш заради тоа што 30 години победува најпогубната опција за Куманово. Опција која ги уценува, репресира и ограбува граѓаните и градот. Очекувам победа за Куманово никогаш повеќе да не биде “бастион” на ниту една политичка партија, туку на кумановци, на културата, на спортот, на економскиот развој, на животот. Ќе влеземе во вториот круг и тоа како први. Тоа е реалноста, вели Михајловски за „Фокус“.
Иако тој веќе подолго време живее со Скопје, вели дека има чувство како да никогаш да не заминал.
-Колку можете да го чувствувате за блиско и битно местото во кое што сте се родиле, сте завршиле основно и средно училиште, во кое ви живеат родителите, братот, првите другари, во кое што редовно се враќате и имате чувство дека никогаш не сте заминале. И таа блискост не ми ја определува некој што постојано ми “труби” дека не сум доволно во Куманово, вели Михајловски.
Освен овие тројца кандидати, кандидат за градоначалник има и Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беким Салиу, а единствена жена кандидат е од движењето „Одлучно за промени“, Теодора Димитровска.
Фросина Факова-Серафиновиќ