Криминалните избори што ги спроведе власта на Груевски нанесуваат дополнителна штета и на меѓународниот углед на Република Македонија, реагира СДСМ, по објавувањето на најновиот извештај на организацијата за човекови права „Фридом Хаус“ во која се потврдува дека во Македонија „вознемирувачки“ се намалуваат слободите.
-Извештајот го констатираше она што сите граѓани во Република Македонија го чувствуваат и го живеат, секој ден. Затворски казни против новинар, ограничување на уставно загарантираното право на штрајк, партизирано судство, сомнителни и нетранспарентни судски постапки, злоупотреба на притворот во политички цели, постојано институционално погазување на основните човекови права и слободи. Дополнително, во извештајот се констатира пад и во политичките слободи, поради сериозни недостатоци на изборите во април, минатата година. Евидентно, криминалните избори што ги спроведе власта на Груевски нанесуваат дополнителна штета и на меѓународниот углед на Република Македонија“, пишува во соопштението на СДСМ.
Оценката „делумна слободна“ земја, Македонија ја доби заедно во друштво со Босна и Херцеговина и Украина, односно ова се единствените три земји во Европа со ваква оценка. Сите земји од нашето соседство имаат подобри оценки, со што Македонија е во групата со Мозамбик, Колумбија, Нигер, Папуа Нова Гвинеја.
-Работите во Македонија мора да се променат. Заминувањето на оваа власт е единствена гаранција за враќање на слободата и правдата во Република Македонија“, порачува СДСМ.