На патарината Градско Велес, патник платил во евра, 1,5 евро. Но издаден му е билет како да му се наплатени 60 денари! Тоа се дури 30 денари повеќе во касата на наплатната станица, од само еден билет, изјави денеска Хари Локвенец од СДСМ.
– Овие фискални сметки, на патарините Петровец Скопје, Велес Петровец, покажуваат дека за платени 1 евро, се откуцуват 40 денари. За наплатени 1,5 евро, на билетите стои сума од 80 денари. Уште повпечатлива е разликата кај товарните возила и автобуси. На пример, за користење на автопатот Куманово – Миладиновци треба да се плати 150 денари. Но, во евра – 3,5 евра! Тоа значи разлика од неверојатни 60 денари, по билет – додаде Локвенец.
Тој прашува по кој девизен курс се спроведува наплатата на патарините?
– Дали некоја менувачница ќе можеше да замисли да работи своеволно, на ваков начин? Дали е ова намерно направено за да се дојде до евра по понизок девизен курс што во менувачниците ќе бидат заменети во денари, со што останува добивка од околу 30 проценти? И, клучно, каде завршуваат овие пари? Во чии џебови? Лични, или за полнење на празната буџетска каса? Или комбинирано? Власта на Груевски има обврска да објасни дали е ова јавна кражба на патниците и за кои цели – апелираше Локвенец.